Брисел против Брисел: Европскиот парламент ја тужи Европската комисија

Парламентарната комисија за правни прашања речиси едногласно гласаше да ја изведе ЕК пред суд поради прекршување на нејзината должност да ги заштити од злоупотреба парите на даночните обврзници.

од Бети Божиноска
197 прегледи

Европскиот парламент се подготвува да поднесе тужба против Европската комисија поради контроверзната одлука за одмрзнување на милијарди средства за Унгарија на крајот на минатата година, пишува „Политико“, повикувајќи се на лица инволвирани во таа одлука.

Парламентарната комисија за правни прашања речиси едногласно гласаше – со 16 членови „за“, еден „против“ и нула воздржани – да ја изведе Комисијата пред суд поради прекршување на нејзината должност да ги заштити од злоупотреба парите на даночните обврзници.

Во декември минатата година, Комисијата деблокираше 10,2 милијарди евра од замрзнатите кохезиони фондови на ЕУ наменети за Будимпешта кои беа задржани поради загриженоста за состојбата на човековите права и владеењето на правото во земјата.

Одлуката беше донесена еден ден пред самитот на ЕУ на кој лидерите дебатираа за испраќање нова помош за Украина и за отворање пристапни преговори со Киев – потези што унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани дека ќе ги блокира.

Одлуката на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, да ги одмрзне средствата предизвика незадоволство кај пратениците во Европскиот парламент, кои ја обвинија дека потклекнала пред уцените на Орбан.

„Сметаме дека имаме солиден случај, бидејќи Комисијата ја критикуваше Унгарија за непочитување на владеењето на правото, а потоа самата го прекрши“, објаснува пратеникот на Зелените, Даниел Фројнд.

Одлуката на комитетот, поддржана од членовите на Европската народна партија (ЕПП) на Фон дер Лајен, беше наменета како „сигнал до претседателот на Комисијата дека владеењето на правото не може да се менува за договорите со Орбан“, додаде Фројнд.

Лидерите на политичките групи треба да се состанат во четврток за да ѝ дадат конечно зелено светло на претседателката Роберта Мецола да поднесе обвинение против Комисијата пред крајниот рок, 25 март.

Заедно со лидерите на S&D, Зелените, левицата и на либералите, лидерот на ЕПП Манфред Вебер ќе гласа за потегот, изјавија официјални лица.

Портпаролот на ЕК утринава изјави дека е обврзан со „строги временски рокови и услови“ при донесувањето на овие одлуки.

Бидејќи Унгарија ги достави „сите докази што ги бараше Комисијата за да ја покаже независноста на нејзиното судство“, ЕК беше „под законска обврска да ја донесе оваа одлука“.

„Комисијата смета дека постапила во целосна согласност со правото на ЕУ и ќе ја брани својата одлука пред судовите на ЕУ“, додаде портпаролот.

Слични содржини