Британија: 30 случаи на згрутчување на крвта по АстраЗенека

од Vladimir Zorba
183 прегледи

Британската агенција за лекови објави денес дека идентификувала 30 случаи на згрутчување на крвта кај луѓето кои примиле вакцина АстраЗенека, посочувајќи дека придобивките од вакцинацијата го надминуваат тој „многу мал“ ризик.

Агенцијата прецизираше на својата веб-страница дека до 24 март, откако биле примени 18,1 милиони дози на вакцина, добиле извештаи за 22 случаи на церебрална венска тромбоза и уште осум други.

Британското регулаторно тело изјави дека не добиле сличен извештај во врска со вакцината Фајзер.

„Ризикот од овој тип на згрутчување на крвта е многу мал. Придобивките од вакцините против Ковид-19 сè уште ги надминуваат ризиците, „бидејќи вакцинацијата е единствениот ефикасен начин за намалување на смртноста и тешките форми на болеста“, наведува британската агенција.

Таа додаде дека бројот и природата на пријавените несакани ефекти не се невообичаени досега во споредба со другите видови употребени вакцини.

Вакцината АстраЗенека, изработена заедно со Универзитетот во Оксфорд, е „паузирана“ во неколку земји по извештајот за сериозни случаи на формирање на тромб.

Холандија денес објави дека привремено ја прекинува употребата на оваа вакцина за оние под 60 години, по слична одлука донесена од Германија во вторникот.

Во средината на март, Европската агенција за лекови процени дека вакцината е „безбедна и ефикасна“ и „не е поврзана“ со поголем ризик од тромбоза.

Европската агенција во средата соопшти дека не открила никакви специфични фактори на ризик, како што се возраста, полот или претходните болести.

Слични содржини