Британија: Конзервативците ќе бираат меѓу двајца кандидати за нов партиски лидер

од Vladimir Zorba
144 прегледи

Комитетот на Конзервативната партија кој го надгледува внатрепартискиот натпревар за наследник на Борис Џонсон како лидер на партијата, а со тоа и британски премиер, ќе се обиде да избере двајца кандидати до 20 јули оваа година, изјави претставникот на комитетот Џефри Клифтон-Браун за Радио Тајмс.

„Јасно е дека сакаме да елиминираме некои од оние кои очигледно нема да добијат доволно поддршка. Мислам дека ќе можеме да дојдеме до две имиња до 20 јули“, рече Клифтон-Браун, пренесе Ројтерс.

Тој изјави дека тоа може да се направи со зголемување на бројот на потписи на конзервативните пратеници потребни за номинирање и со зголемување на бројот на гласови што кандидатите треба да ги добијат за да се пласираат во следниот круг.

Таканаречениот „Комитет 1922“ ќе ги одреди точните правила и распоред на натпреварот следната недела, а многу пратеници се залагаат за забрзување на процесот.

Четворица конзервативни пратеници и официјално потврдија дека сакаат да бидат нов лидер на партијата, но се очекува да се кандидираат уште десетина други.

Конзервативните пратеници ќе гласаат неколку пати за намалување на бројот на кандидати на двајца, а меѓу тие двајца кандидати поширокото членство на Конзервативната партија ќе избира нов партиски лидер по пошта, наведува Ројтерс.

Џонсон поднесе оставка како лидер на Конзервативната партија по бранот оставки од министри и високи функционери на британската влада, но ќе остане како британски премиер додека не се избере нов партиски лидер.

Слични содржини