Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус во неделата изјави дека не може да има преговори со Русија за Украина додека Москва не ги повлече своите војници од таа земја.
„Ако Русите се сериозни во преговорите, треба да ги повлечат своите трупи од Украина. Тие не можат да преговараат со вперен пиштол во главите на Украинците. Затоа искрено, јас не верувам во овие таканаречени преговарачки напори“, рече Трус за Скај њуз.
Русија претходно во неделата објави дека делегацијата на земјата пристигнала во Белорусија поради разговорите со Украина, но украинскиот претседател Володимир Зеленски одбил, наведувајќи дека преговорите не може да се водат во земјата од чија територија Русија ја нападна Украина.