Дополнителни вакцини против „Ковид-19“ ќе им бидат понудени на лица постари од 50 години, корисници на домови за стари лица и здравствени и социјални работници, објави владата.
Експертите веруваат дека вакцината Фајзер/Бајонтек треба да се користи како „бустер“ доза за повеќе од 30 милиони луѓе и дека сигурно може да се даде како додаток на вообичаената вакцина против зимски грип.
Сите имунокомпромитирани лица и сите на возраст меѓу 16 и 65 години кои се изложени на ризик за „Ковид-19“, исто така, имаат право на дополнителна вакцина.
Три вакцини се одобрени како безбедни и ефикасни како дополнителни, и тоа АстраЗенека, Фајзер и Модерна. Сепак, експертите го избраа Фајзер бидејќи истражувањата покажаа дека добро се поднесува и делува како „засилувач“.
Вакцината Фајзер може да биде трета доза за оние кои претходно примиле две дози АстраЗенека.
Доколку е потребно, вакцината на Модерна може да се користи како алтернатива, но во половина од дозата како засилувач, откако испитувањата покажаа дека е ефикасна и со малку несакани ефекти.
Луѓето треба да ја примат третата доза најмалку шест месеци по втората доза на вакцината против ковид.
По собирањето повеќе податоци, експертите планираат да размислат дали да понудат трета доза на здрави луѓе под 50 години.