Британски колекционер ѝ подарил на Националната библиотека на Франција фотографии од посетата на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер на Париз по германската инвазија на Франција во 1940 година, од кои некои никогаш досега не биле објавени, соопшти француската библиотека.
Колекционерот Чарлс Чедвик-Хили (82), фотограф и издавач, донираше 20 фотографии.
„Ова се фотографии направени од Хајнрих Хофман, официјален фотограф на Хитлер од 1924 година. Фотографиите датираат од 23 јуни 1940 година, кога Хитлер бил во Париз“, соопшти француската културна институција.
Националната библиотека додаде дека фотографиите се од непроценлива историска вредност и „сведочат за клучната улога на Хофман како фотограф и издавач во градењето на имиџот на Хитлер како легенда“.
Рано наутро на 23 јуни 1940 година, Хитлер го посетил Париз. Тој слетал на воениот аеродром Бурж во близина на Париз, а потоа ја посети француската престолнина. Тој се вратил во Германија тоа утро и никогаш повеќе не ја посетил Франција.