Британски суд: Возачите на Uber имаат право на минимална плата и годишен одмор

од Vladimir Zorba

Возачите на Uber имаат право на гарантирани права за работниците, вклучително и минимална плата и годишен одмор, пресуди британскиот Врховен суд во петокот, отфрлајќи ја жалбата на дигиталната компанија за транспортни услуги.

Возачите на Uber моментално имаат статус на самовработени во Велика Британија, што значи дека според законот имаат право на минимална заштита, а Uber се обиде да ја одржи таквата состојба преку континуирана судска постапка.

Во колективната тужба поднесена од 25 возачи, лондонскиот суд во 2016 година донесе одлука дека тие имаат право на права како што се платено годишно отсуство и паузи за работното време.

Uber ја обжали пресудата, а Врховниот суд денес ја одби неговата жалба.

„Врховниот суд едногласно ја отфрли жалбата на Uber. Законот има за цел да обезбеди одредена заштита на ранливите индивидуи кои имаат ограничени или немаат право на глас кога станува збор за нивните плати и работни услови“, рече во петокот судијата Џорџ Легат.

Од друга страна, Uber тврди дека одлуката на судот за работничките права не важи за сите 60.000 нивни возачи во Велика Британија, вклучително и 45.000 во Лондон.

„Ние ја почитуваме одлуката на судот која се фокусираше на малиот број возачи-корисници на апликацијата Uber во 2016 година“, рече шефот на Uber за Северна и Источна Европа, Џејми Хејвуд.

„Подготвени сме да го направиме и следниот чекор и ќе се консултираме со сите активни возачи низ Велика Британија за да ги разбереме промените што ги сакаат“, додаде Хејвуд.

Адвокатската фирма „Леј Деј“ соопшти дека возачите кои ги исполнуваат условите можат да имаат право на просечен надомест од 12 000 фунти.

Синдикатите критикуваат повремени, краткорочни работни места, тврдејќи дека компаниите ги користат за експлоатација на работници. Компаниите, пак, одговараат дека многу луѓе прифаќаат таков ангажман, вршат индивидуални работи, понекогаш за повеќе компании паралелно, бидејќи им одговара флексибилноста.

Слични содржини