Британскиот извоз во ЕУ „потона“ за 68 отсто во јануари

од Vladimir Zorba
195 прегледи

Британскиот извоз во Европската унија се намали за две третини во јануари или 68 проценти во однос на истиот месец во 2020 година, објави во неделата приватното здружение за патен транспорт и операторот за логистика за патен товар (RHA).

Иако пандемијата играше улога во овој голем пад на извозот, RHA посочува дека голем дел од падот на извозот е поврзан со дополнителна документација и гранична контрола откако Велика Британија престана да биде дел од заедничкиот европски пазар.

Извршниот директор на RHA, Ричард Барнет, за „Обсервер“ изјави дека неговата група предвидувала вакви случувања и побарала од британската влада да ги намали бирократските пречки и да обезбеди непречена трговија по Брегзит.

„Сметам дека е многу фрустрирачки што министрите избраа да ги игнорираат предупредувањата на индустријата и експертите“, рече Барнет.

Тој посочи на фактот дека многу камиони кои носат производи од Европа се враќаат празни затоа што многу британски компании во моментов не се ни обидуваат да извезуваат во ЕУ. Тој исто така додаде дека само 10.000 луѓе се вработени на царина, односно петтина од бројот што според RHA би бил потребен за ефикасно движење на стоки и услуги.

Постојат стравувања дека ситуацијата ќе се влоши откако Велика Британија ќе започне да го контролира увозот на ЕУ во јули.

Велика Британија и ЕУ постигнаа договор во декември според кој нема царина за повеќето стоки, но договорот не спречува воведување дополнителна документација и санитарна документација.

Слични содржини