Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека т.н „златна ера“ на односите со Кина завршила, судејќи дека Кина станува се поголем предизвик за британските вредности и интереси.
Во својот прв голем надворешнополитички говор, Сунак рече дека британскиот пристап кон Кина мора постепено да се менува и дека Пекинг „свесно се натпреварува за глобално влијание користејќи ги сите лостови на државната моќ“.
„Да бидеме јасни, таканаречената златна ера е завршена, заедно со наивната идеја дека трговијата ќе доведе до социјални и политички реформи“, рече Сунак во финансискиот кварт на Лондон, мислејќи на описот на британско-кинеските односи од 2015 година на поранешниот министер за финансии Џорџ Озборн, пренесува „Ројтерс“.
Еден дел од Конзервативната партија беше критичен кон Сунак, сметајќи го за помалку остроумен во однос на Кина од неговата претходничка Лиз Трас. Минатата година, кога беше министер за финансии, тој повика на избалансирана стратегија кон Кина за да се балансираат грижите за човековите права со проширувањето на економските врски.