Телото за регулација на рекламите на Велика Британија (ASA), забрани две реклами на шпанскиот моден гигант „Зара“, оти оцени дека во нив има манекенки што изгледаат „нездраво слабо“ и ги дефинираше визуелните решенија како „неодговорни“.
Британскиот регулатор постапувал по пристигната пријава.
Во едната се гледаат премногу изразени клучни коски, а позата и стајлингот дополнително ја истакнувале „исклучително слабата фигура“, вели регулаторот. Во другата, манекенката изгледала „благо преслаба“ што се должело на косата зачешлана наназад, осветлувањето и облеката, што создавале впечаток за „видливо слаба“ фигура. ASA вели дека рекламите ги нарушуваат правилата за социјална одговорност и забрани повторно нивно користење во сегашната форма.
Од „Зара“ велат дека манекенките биле претходно прегледани од медицински лица, во согласност со британските стандардни, и дека на фотографиите се правени само минимални корекции на осветленоста и боите. Компанијата вели дека ги тргнала рекламите веднаш откако ASA ја известила за пријавите.
Претходно, ASA забрани слични реклами на британските трговски синџири „Некст“ и „Маркс енд Спенсер“.