Британските либералдемократи побараа втор референдум за ЕУ

од Vladimir Zorba
91 прегледи

Британската Либерал-демократска партија побара оддржување втор референдум за ЕУ и тоа го стави во манифестот на партијата, како централно прашање во кампањата за предвремените парламентарни избори на 8 јуни.

– Британците мора да го имаат конечниот збор за договорот со ЕУ за Брегзит, изјави лидерот на оваа партија Тим Фарон, објаснувајќи дека на новиот референдум треба да се најде и изјаснувањето за можноста Велика Британија да остане во Унијата.

Оваа проевропска британска партија која пет години беше во коалиција со конзервативците, во првата влада на премиерот Дејвид Камерон, од почетокот се противеше на напуштањето на ЕУ.

Либералдемократите кои тогаш ги предводеше Ник Клег беа категорично против повторното покренување на „европското прашање“ кога стана јасно дека антиевропските ториевци и десничарската партија УКИП, притискаат врз тогашниот премиер Камерон да го покрене „преиспитувањето на односите со Унијата“.

Оваа партија и порано и сега смета дека излегувањето од ЕУ ќе предизвика економска штета за земјата и ќе придонесе Велика Британија самата да се постави во изолација во однос на Европа, исклучувајќи се од европската политика.

Фарон и неговите либералдемократи уште веднаш, откако стана јасно дека мнозинството Британци се определија за Брегзит, се залагаа за ново референдумско изјаснување, откако Лондон и Брисел ќе се спогодат за договорот за Брегзит.

Во денеска промовираниот изборен манифест се вели дека „не постои договор што би бил подобар од останувањето во ЕУ“, па затоа предизборната кампања е насочена кон тоа да се остане во Унијата и да се откаже Брегзит.

„Станува збор за најголемата битка за иднината на Велика Британија, на цела една генерација, во врска со Брегзит, па затоа нашата партија сака Британците да го имаат правото да избираат за својата и за иднината на земјата“, изјави лидерот на либералдемократите Тим Фарон./a1on