Високи претставници на британската воена индустрија разговараат со партнерите во Киев за производство на британско оружје и воени возила во Украина, што значително би ги продлабочило врските меѓу Велика Британија и Украина, како и меѓу НАТО и Украина.
Шефовите на британската индустрија отпатуваа во Украина за да разговараат за основање компании за заедничко вложување кои би произведувале оружје и возила под лиценца, пренесе британски „Телеграф“.
Според тој весник, за ваков тип на соработка со Украина се заинтересирани и други европски земји, а Велика Британија сака да биде пред ривалите од Франција и Германија.
Велика Британија се бори да биде „на чело на оваа трка“, изјави за „Телеграф“ шеф на британската воена индустрија.
– Индустриската соработка е двигател на зближувањето во меѓународните односи. На почетокот оваа соработка би се водела како комерцијална, но ќе треба барем премолчена политичка поддршка – вели Ед Арнолд.
Овие фабрики за оружје би биле клучни цели на руското бомбардирање, според независниот експерт за воена индустрија Френсис Муса.