Англискиот кокер шпаниел Хариет беше напуштена поради се подлабоката криза поради зголемените трошоци за живот што принудува се повеќе Британци да се разделат со своите миленици.
Хариет била пронајдена како трча по прометна улица во Лондон, а сведоците виделе дека нејзините сопственици ја исфрлаат од автомобилот.
Таа е една од 206 кучиња и 164 мачки кои моментално се згрижени во центрите за посвојување управувани од Battersea Animal Charity.
Слична е приказната и во другите центри низ земјата – некои забележуваат рекорден број апликации за кучиња и мачки – бидејќи најголемиот притисок врз животниот стандард од 1960-тите принудува многу сопственици да се откажат од своите миленици.
„Загрижени сме дека ова ќе биде се почеста причина луѓето да ги носат своите кучиња во Battersea“, изјави за Ројтерс Стив Кредок, кој раководи со центарот во југозападен Лондон.
Егзотичните миленичиња како змии и гуштери исто така се покажаа прескапи поради потребата од посебно греење и осветлување.
Три змии, вклучително и боа констриктор од 2,4 метри, неодамна беа оставени во навлаки за перници пред продавница за рептили, изјави за Ројтерс Кралското друштво за спречување на суровост кон животните.
Dogs Trust, кој моментално се грижи за 692 кучиња во 21 центар низ Велика Британија, објави дека последен пат слична ситуација е забележана по финансиската криза во 2008 година.
„Оваа криза на трошоците за живот ни се прикраде многу побрзо отколку што луѓето некогаш очекуваа“, рече директорот на Dogs Trust, Адам Клаус.
Притисокот е таков што добротворната организација размислува дали да го прошири фондот за итни случаи, вообичаено резервиран за луѓе на социјална помош на кои им е потребна краткорочна финансиска поддршка за чување миленичиња, на оние со среден приход.