Бритни Спирс и нејзиниот татко Џејми Спирс постигнаа спогодба повеќе од две години откако судски налог му го прекина старателството над неа. Оваа информација ја соопштија нивните адвокати, но не ги наведоа условите за спогодбата.
Џејми Спирс ги негира сите обвинувања против него, а неговите адвокати тврдат дека Спирс „ја сака својата ќерка и неуморно работи за да ја заштити“.
Тој беше старател на Бритни од 2008 до 2021 година, надгледувајќи ги нејзините финансии и различните одлуки што ги носеше.
Процесот што се водеше од јуни до септември 2021 година, посебно ја заинтересира јавноста. Во своето сведочење, Спирс тврдеше дека додека била под надзор, нејзиниот менаџмент ја принудувал да прави турнеи против нејзина волја, а не ѝ било дозволено да се мажи или да има деца.
Таа пред судот кажа колку е сето тоа „навредливо“ за неа.
-„Старателството над мене ми ја одзеде женственоста, ме претвори во дете. На сцената станав повеќе ентитет отколку личност. Секогаш ја чувствував музиката во моите коски и крвта, која ми беше украдена“, напиша Спирс во нејзината автобиографија „Жената во мене“, објавена кон крајот на 2023 година, две години по завршувањето на нејзиното старателство.
На Бритни ѝ беше оневозможено сама да се движи надвор од куќата, да вози автомобил, да снима песни и да дава интервјуа без дозвола, а нејзиниот татко не ѝ дозволил ниту да забремени, пренесува Танјуг.