Првата дама на Франција, Брижит Макрон, беше критикувана поради навреда на феминистичките активистки кои ја прекинаа емисијата на актерот и комичар Ари Абитан, кој е обвинет за силување. Таа ги нарече глупави ку*ки.
Феминистките изразија негодување откако во понеделникот беше објавено видео на кое се гледа како првата дама на Франција ги навредува активистите кои прекинаа настап на актер и комичар кој некогаш беше обвинет за силување.
Тимот на првата дама изјави дека таа има намера да го критикува нивниот „радикален метод“ на протест.
Активистите прекинаа стендап шоу на 51-годишниот Абитан во саботата, носејќи маски на актерот со зборовите „силувач“.
Една жена го обвини актерот за силување во 2021 година, но истражителите го отфрлија случајот во 2023 година, наведувајќи недостаток на докази.
Брижит Макрон отиде да ја види претставата во недела со нејзината ќерка Тифан Озиер и разговараше со Абитан пред тој да излезе на сцената, според видео објавено од локалниот медиум Паблик во понеделник.
„Се плашам“, може да се слушне како Абитан вели во видеото.
На што Макрон одговори:
„Ако има некои глупави ку*ки, ќе ги исфрлиме“, може да се слушне како Брижит Макрон се шегува како одговор.
Феминистичката група зад акцијата во саботата на социјалните мрежи ја претвори навредата во хаштаг, а многумина ја споделија во знак на поддршка.
Меѓу оние што ја користеа беше и актерката Џудит Годреш, која стана феминистичка икона откако обвини двајца режисери за сексуално злоставување кога била малолетничка и повика на прекин на таквото однесување во францускиот културен сектор.
„И јас сум глупава ку*ка“, објави таа на Инстаграм.
Тимот на првата дама тврдеше дека нејзините зборови треба да се разберат како „критика на радикалниот метод што го користеле оние што ја прекинале претставата“.
„Брижит Макрон не го одобрува овој радикален метод“, рече член на нејзиниот тим.