Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека „нема знак на еднаквост“ меѓу фактот што е договорена поволна цена на гасот со Русија и фактот што Србија не воведува санкции кон Русија поради нејзиниот напад врз Украина.
„Сите што не обвинуваат дека не воведуваме санкции кон Русија поради гасниот аранжман, треба да се засрамат. Не воведуваме санкции кон Русија од принцип“, изјавила Брнабиќ за ТВ Пинк.
Таа посочила дека „санкциите не придонесуваат за мир, туку ја антагонизираат ситуацијата“, како и дека Србија била жртва на санкции.
Брнабиќ изјавила дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера „заврши голема работа за Србија“ со договорот за поволната цена на гасот за време на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Заврши одлична работа, иако навистина не знам како успеа. Тој за Србија доби повеќе и подобро и тоа под 100 пати потешки околности“, рече Брнабиќ, споредувајќи го претходниот договор на Вучиќ со Путин од ноември минатата година.
Таа наведе дека Србија ќе ја плати цената на метар кубен гас
„310 до 340 долари или нешто помалку“, додека цените на берзата се 960 долари, а се очекува „цената на гасот во зима да оди над 3.000 и над 4.000 долари“.