Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, реагираше на изјавата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), во која таа предупреди на зголемување на „запаливата реторика меѓу властите на Белград и Приштина“.
– Гледајќи ја оваа изјава на ЕЕАС, некој би помислил дека денес е 1 април, а не 14 август. Сигурно е некаква (многу несолена) шега – напиша Брнабиќ на својот Твитер профил.
– Цели 175 дена Албин Курти предизвикуваше вооружен конфликт со Србите. И тоа во година која ќе остане запаметена како година во која Курти ги лиши истите тие Срби на Косово од најосновните човекови права – со тоа што им забрани да гласаат. Освен бескорисна писмена изјава, ЕУ во оваа прилика не направи апсолутно ништо – изјави таа.
– Наспроти ова, мотото на претседателот Вучиќ и Србија е јасно: мир и стабилност. Се наближуваат десет (10!) години од потпишувањето на Бриселскиот договор, кој ЕУ едноставно не може да го спроведе. Дури и самата ЕУ признава дека не можат да го принудат Курти да формира Заедница на српски општини – столбот на Бриселскиот договор. Тажно е да се види дека ЕУ не ја гледа сопствената вина за тоа каде сме денес – истакна премиерката.
-Доколку ЕУ го стореше својот дел – го обезбеди спроведувањето на Бриселскиот договор и ги гарантираше основните човекови права на Србите во Косово – работите денес ќе изгледаа многу поинаку. Затоа, ве молам, престанете со лицемерието – порача Ана Брнабиќ.