Бројни реакции по пораките на Кос: „Несреќна“ изјава во „кулинарски“ контекст како позадина на главниот услов – уставните измени

Дали пораките на Кос за македонскиот идентитет се „дипломатија“: „Полесно е гостите да ги носиме по кафани, наместо по споменици и музеи бидејќи има многу за објаснување...“

од Nikola Popovski
287 прегледи

Уставните измени и натаму единствен услов кон полноправно членство на Македонија во Европската унија. „Исполнете го ова, и без понатамошни услови ќе се организира првата меѓувладина седница“, порака од еврокомесарката за проширување, Марта Кос до македонските власти. Според неа овој потег нема да биде лесен, но вели прозорецот за проширување е отворен и моментот треба што поскоро да се искористи. Кос без коментар за спорењето на македонскиот идентитет и јазик од страна на бугарските европратеници, но според неа идентитетот не е политичко прашање туку како ја чувствуваме татковината и како се грижиме за нашата традиција. Лавина од реакции во јавноста предизвика токму нејзината изјава околу македонските кулинарски рецепти и поврзувањето со идентитетот. „Тоа е како се грижиме за нашата традиција, како на пример манастирите во Македонија, погачата, тавче-гравчето, пинџурот, полнетите пиперки…како ги одржуваме традиционалните односи, каков однос имаме кон зачувување на јазикот. Никој не може ова да ви го одземе на вас Македонците“, порача еврокомесарката.

За дел од јавноста ваквите пораки од високата претставничка се навредливи и потценувачки, додека дел сметаат дека се работи за вадење од контекст. Според политикологот и поранешен член на Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија, Огнен Вангелов, кога Кос вели дека македонскиот идентитет бил пиперки и пинџур, тоа е длабоко навредливо сведување на една култура на фолклор и гастрономија. Оценува дека во секој друг европски контекст, ваква изјава би била препознаена како форма на редукционизам па дури и ориентализам, како поглед кој ги гледа балканските народи како егзотични и инфантилни.

Огнен Вангелов

-Замислете некој да им каже на Французите дека нивниот идентитет е само сирење и кроасани или на Американците дека се само оружје и чизбургери. Апсурдно и навредливо, нели? Но кога станува збор за Македонците, тоа поминува како „дипломатија“, истакнува Вангелов.

Политикологот тврди дека овој начин на зборување е дел од подлабок проблем за кој веќе објавил претходно: „кога ЕУ функционери не ја сфаќаат сериозноста на бугарската политика на негирање на македонскиот идентитет, а наместо тоа се шегуваат со пиперки и ајвар, тие всушност ја легитимираат таа политика“.

-Наместо да го осудат агресивниот историски ревизионизам (а е апсолутно тоа бидејќи не зборуваме само за далечна историја туку Бугарија негира дека има каков било удел во холокаустот на Евреите во Македонија), тие го сведуваат идентитетот на нешто што може да се продаде на тезга. И токму ова е тоа неразбирање на суштината на европските вредности од водечки европски политичари, посочува Вангелов.

За разлика од него, екс-пратеничката Никица Корубин смета дека изјавата на Кос е извадена од контекст. Таа потсетува на целосната порака на еврокомесарката при вчерашната посета во земјава.

„Членството во Европската Унија е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците, затоа што, Европската Унија е изградена на принципот на разноликост. Во таа насока, идентитетот никогаш не може да биде предмет на политичко одлучување, туку е нешто што го носиме во душите и нашите срца. Идентитетот, е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина и како се грижиме за нашата традиција. На пример, манастирите во Северна Македонија, на пример погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки, како ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик. Никој не може да ви го одземе ова на вас Македонците“ – да се сведе на реченица “надвор од контекст”: “Вашиот идентитет се манастирите, погачата, пинџурот и полнетите пиперки и тоа не може никој да ви го одземе”. И дополнително при вадењето од контекстот целосно е изваден еден од нашите специјалитети “тавче гравче”. Двојна виктимизација. Зошто на пример, при вадењето од контекст, не се извади почетокот, па да не преплавија наслови од типот: “ЕУ е најдобриот начин да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците”; или пак “Идентитетот, е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина и како се грижиме за нашата традиција“. Што е неточно во овие две реченици надвор од целосниот контекст, во споредба со онаа “кулинарската”? Разликата е во намерата“, истакнува Корубин.

Никица Корубин

Според неа, намерата која со години политички го злоупотребува идентитетот, а кога тој конечно добива хумана и социолошки исправна “дефиниција”, од страна на ЕУ по наше инсистирање, одговорот доаѓа во форма на единственото оружје против вистината: потсмевот.

„Па, всушност оваа фраза, која масовно се шири во форма на “елитистичка навреда”, не е потсмев на Марта Кос кон нас (како што сакаат да имплицираат), туку е “наш”потсмев кон сопствениот идентитет. Истиот, рециклиран потсмев, кој го слуша(в)ме со години: “за Македончето, за членуваната форма, за кроткоста, за “тажниот југ”. Но, она што е посебно интересно деновиве, особено после официјалното вклучување на “српскиот свет” и националната и регионална опасност од него, во официјален документ на ЕУ; паралелно со “македонскиот идентитет и јазик” очигледно на наше инсистирање за “гаранции”; е страната од која доаѓаат и “неоправдано и необјасниво” негативните реакциите, но и потсмевот.

Не, тоа не е власта и ВМРО ДПМНЕ, која е само појавната форма на “бранители на идентитетот”, туку тоа е медиумско-експертската-граѓанска “елита”, лево и центар, кои со партиски жаргон гравитираат околу СДСМ, а всушност се суштината на отпорот кон ЕУ и европската интеграција, иако “формално и службено” се секогаш (и по потреба) најголемите Европејци. Тоа е нашата наследена елита, која го чува “идентитетот”. Ама, кој идентитет, потпрашува соговорничката.

За неа тоа е болката, која ја предизвика една толку едноставна изјава, и еден малку поотворен извештај.

„Далеку од мистификацијата на неколку внимателно избрани историски ликови, и дузина други скриени, кога веќе утврдивте со потсмев, ароганција, и лажна грижа – дека кулинарството, обичаите, традицијата, манастирите, грижата и чувството кон татковината – не се идентитетот – може ли конечно да слушнеме – што е идентитетот? Освен, неколку историски ликови, кои брутално се злоупотребуваат надвор од секаков историски и цивилизациски контекст, на сметка на се’ што се премолчува. Па, кога се’ ќе ставиме во контекст, единствени кои “се исмеани” сите овие години се граѓаните, и тоа од сопствените “елити”, кои длабоко навлезени во системот, единствено го бранат “идентитетот на заробеното општество”. Се’ друго уништија, и гравот и пиперките и питите, и манастирите и односот и љубовта кон земјата, и носиите и традицијата. И после сегашноста, сакаат да ја уништат и иднината. Срам од себе или срам за нас“, ја поставува Корубин дилемата.

Свој став за вчерашните пораки од еврокомесарката искажа и советникот во советот на Град Скопје, Александар Трајановски. Според него, поголемиот дел од нас Македониците кога ќе ни дојдат на гости луѓе од странство ги носиме по кафани, етно села да ја пробаат вкусната храна, вина и ракија и тогаш се гордееме. Истакнува дека „полесно е по кафани, наместо да ги носиме по споменици, музеи и знаменитости, има многу за објаснување…“

Александар Трајановски

„Кога ќе си отидат гостите, со нив ги носат искуствата што ние сме ги пренеле. Тоа го пренесе и кажа и Марта Кос, еврокомесарката за проширување. Зашто дозволувате да ве убедуваат дека не навредила? Затоа што кажа дека уставните измени мора да се случат и дека се единствен услов за отворање на кластерите од европскиот интегративен процес за Македонија и додаде дека идентитетот не може да биде доведен во прашање. Значи дека битка за докажување на идентитетот не постои“, констатира Трајановски.

Советникот поставува прашање што друго пишува во извештајот за Македонија освен амандманот кој е тргнат и избришан, а кај нас се збори три дена.

„Ќе каже некој? Нешто за корупција, криминал, селективна правда, странски влијанија… Иначе извештајот е за период од 2023 и 2024, што значи дека ги опфаќа двете влади, оваа на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ и претходната на СДСМ и ДУИ. Допунете ја пиперката и репете од пинџурот и тавче гравчето….“, заклучува Трајановски.

Премиерот Христијан Мицкоски не се согласи со претставничката од Брисел оти идентитетот е во храната туку според него во дејците и историските личности кои го дале животот за македонската држава без разлика дали тоа му се допаѓа на источниот сосед. Уцени и подмитување не прифаќаме, порака до Брисел од Мицкоски, вели иако сме благодарни за поддршката на Европската комисија, владата е решена сама да и помогне на земјата.

За 8 јули во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент е најавено гласањето за Извештајот за Македонија. Мицкоски очекува, како што вели, секаков инженеринг од бугарските европратеници и оценува оти тоа што го прават во Европскиот парламент нема допирна точка со европските вредности.

Кос изрази сочувство до фамилиите на трагично загинатите во трагедијата во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Вети дека ќе ги посети повредените при следната посета на земјава.

Н.П.

Слични содржини