Според официјалните статистички податоци, бројот на жители заклучно со 1 јануари изнесувал 58,94 милиони, што е речиси непроменето во однос на претходната година.
„Италија останува земја во која изразено позитивниот миграциски биланс во голема мера може да го надомести негативниот природен прираст и во која населението продолжува да старее“, соопштија од италијанскиот завод за статистика.
Тие посочија дека прекинот на постојаниот прилив на доселеници и намалувањето на бројот на населението би имале долгорочен притисок врз пазарот на труд и јавните финансии.
Зголемувањето на бројот на имигранти се случило за време на десничарската влада на премиерката Џорџа Мелони, која има строг став кон нелегалните имигранти. Сепак, во нејзиниот мандат е зголемен бројот на работни визи за лица кои доаѓаат надвор од Европската Унија.
Бројот на родени минатата година се намалил на 355 илјади, што е за 3,9 проценти помалку во однос на 2024 година. Ова е најнискиот број на раѓања од обединувањето на Италија во 1861 година.
Бројот на починати останал непроменет – 652.200, што резултирало со негативен природен прираст од речиси 300 илјади лица. Стапката на фертилитет се намалила на 1,14 деца по жена, што е меѓу најниските стапки во Европа.
Во Италија во текот на минатата година се доселиле значително повеќе луѓе отколку што се отселиле. Имено, имало 440 илјади доселеници, додека 144 илјади луѓе ја напуштиле земјата, што е најмал број во последните 10 години.
Бројот на странски државјани со престој во Италија се зголемил за 188 илјади, достигнувајќи вкупно 5,56 милиони.
Очекуваниот животен век дополнително се зголемил по пандемијата на коронавирусот, достигнувајќи 81,7 години за мажите и 85,7 години за жените, со што Италија се вбројува меѓу земјите со најдолг животен век во Европската Унија, пренесува агенцијата Ројтерс.