Бројот на Украинци кои преминуваат во земјите на Европската унија се врати на нивото пред руската специјална операција и ситуацијата со бегалците сега е стабилна, изјави денеска комесарот на Европската унија за миграција Илва Јохансон, додавајќи дека бројот на оние што заминуваат и доаѓаат може да се промени пред почетокот на учебната година.
„Кога станува збор за бегалските текови, ситуацијата сега е стабилна. Премините меѓу ЕУ и Украина, бројките се како пред војната, пред ковид, така што се вративме на нормалниот број на луѓе што минуваат“, им рече Јохансон на новинарите, пренесе „Ројтерс“.
Од почетокот на конфликтот во Украина, повеќе од шест милиони Украинци побегнале во земјите на Европската унија, се вели во соопштението на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) на крајот на јуни, а околу 3,1 милион од нив веќе се вратиле дома.