Во своето гостување на Студио 10, назначениот претставник за преговорите со Бугарија, професорот Владо Бучковски, одговори на тоа што ново може да донесе неговото присуство во овој процес.
„Може да испрати сигнал за нашата добра воља и решителност, како Георгиевски и Малевски кои се луѓе кои се ангажираа за пријателство со Бугарија.
Посакуваме решение до 9. декември, но ние сме посветени и убедени дека можеме да дојдеме до заедничко решение. Нема да останеме понижени, тоа нема да го дозволам ниту јас ниту Владата да биде загрозен нашиот идентитет.
Нам ни се брза, но објективно се соочуваме со ситуација во која бараме решенија, поради ставот на Бугарија дека има забелешки“, посочи Бучковски.
Бучковски вели дека треба да ги оставиме историските работи на назначената комисија за историјата, а ние треба да преземеме други чекори. Тоа не значи дека треба да стравуваме од некој поинаков протокол или меморандум, но е сигурно дека нема да загрози ништо од рамката опфатена со Договорот кој беше постигнат во 2017. година.
„Морам на дел од прашањата да одговорам дипломатски. Не можам да откријам за што детално се договара, но бараме начин да се врати довербата на она што ние го исполнуваме од Договорот, а претставува дилема за другата страна“, посочи Бучковски.
Бучковски вели дека ова е предизвик и не смета дека треба да се стравува во овој процес. Недопуштено е со било какво решение вели, да бидеме понижени, и целосно се креирани црвените линии во иминативе два месеци, и оттаму јасно е во која насока треба да се бараат решенија.