Бугарија го повикува својот амбасадор од Русија на консултации

од Nikola Popovski
186 прегледи

Бугарија ќе го повика на консултации својот амбасадор Атанас Кристин поради изјавите на руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, соопштија денеска бугарските власти.

Во интервју за ТВ Русија-24, Митрофанова рече дека народот на Бугарија „не ја поддржува реториката или чекорите на нивната влада“ во врска со руската воена операција во Украина и дека „повеќето“ Бугари ги поддржуваат акциите на Русија.

Бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека е неприфатливо амбасадорот на една земја да зборува „во име на бугарскиот народ против бугарската влада“ и дека реакцијата на Митрофанова е „недипломатска, остра и груба.

„Затоа го поканивме нашиот амбасадор на консултации. Сите знаат што значи тоа на дипломатски јазик“, рече Петков, пренесува Интерфакс.

На 18 март Бугарија прогласи десет руски дипломати за персона нон грата и им даде 72 часа да ја напуштат Бугарија.