Бугарија не го тргна ветото, Димитров вели: Да се каже дека нема надеж би било фаталистички

од Берта Китинска
177 прегледи

Бугарија не го тргна ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската унија на денешниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ.

„Не креваме раце, правиме се што можеме во рамки на едно европско достоинствено решение, мислам дека нашите позиции стојат на кристално јасни позиции, мислам дека проблемот веќе е поголем од нашата мака, лекциите и пораките ги слуша целиот Балкан и се повеќе слушаме земји членки коишто велат вие испорачавте, мора да најдеме начин и ние како ЕУ да испорачаме“, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

Тој вели дека  да се каже дека нема надеж би било фаталистички, и не е здраво.

„Влогот е огромен и ова влегува во еден покрупен проблем бидејќи сега крупното прашање е дали ние на Балканот можеме да веруваме на зборовите на ЕУ. И мислам дека земјите членки на ЕУ се свесни, водејќи сметка меѓу другото, и за нивните јавни изјави“, рече вицепремиерот Димитров во гостување на ТВ Сител коментирајќи ја новата блокада од Бугарија на Советот за општи работи во Луксембург на усвојувањето на преговарачката рамка и за старт на преговорите на Унијата со С Македонија и со Албанија.

Не можат тие да нѐ блокираат, колку што ние сме упорни во процесот

Важна констатација и одлука од денешниот состанок е дека Словенија, словенечкото претседателство, го презема португалскиот предлог и продолжува да работи на него со еден силен одек на поддршка од 26  земји членки којшто е невиден досега во однос на кое било прашање во Европскиот совет, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Според Османи, и по најновата блокада од Бугарија на Советот за општи работи во Луксембург на усвојувањето на преговарачката рамка и старт на преговорите на Унијата со С Македонија и со Албанија,  процесот се уште има кредибилност и преголема енергија.

-Ова не го кажувам за да ги охрабрам граѓаните, меѓутоа  јас бев охрабрен во сето тоа разочарување коешто го имавме денеска читајќи ги извештаите на интервенциите на 26-те земји членки навистина треба да не држи храбри и оптимисти  дека се уште има енергија и кредибилност овој процес и таа енергија е преголема за кој било да ја блокира, рече Османи.

Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека ја потврдиле својата позиција на состанокот, но дека остануваат отворени за дијалог за време на претстојното Словенечко претседателство со Европскиот совет за наоѓање на заемно прифатливи решенија.

Според соопштението на бугарското МНР, од Македонија се бара „да се откаже од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија“ и „да ги рехaбилитира бугарските жртви на југословенскиот комунизам“.

Слични содржини