Бугарското Министерство за здравство подготвува кампања насочена кон зголемување на бројот на лица вакцинирани против коронавирусот кај Ромите. Една од мерките предвидува ангажман на медијатори, како и лица кои уживаат авторитет, вклучително и sвезди од шоу-бизнисот и свештеници.
Веќе се одржани разговори со музичари и свештеници со цел да се дизајнира соодветна кампања.
Заменик министерот Александар Златанов рече дека само 10% од Ромите се вакцинирани во моментов.
„Вакцинацијата на целото население треба да се изврши на ист начин и праведно, за никој не треба да има посебни услови“, рече тој, додавајќи дека исто така е можна вакцинација на оние кои немаат здравствено осигурување.
Како што се наведува, главната причина за слабиот интерес за вакцинација кај Ромите е дезинформацијата, како што е тезата дека некој ќе ги „чипира“ и со тоа ќе ги следи, стерилизира и сл.
Да потсетиме, во пролетта минатата година, по избувнувањето на пандемијата на коронавирус, беа поставени контролни пунктови во некои ромски населби во Бугарија за да се спречи ширењето на болеста и да се контролира режимот на самоизолација, додека во Бургас температурата на жителите од ромска националност им била мерена со беспилотни летала.
Photo by Stefano Montesi/Corbis via Getty Images