Бројот на жители во Бугарија изнесувал 6.519.789 лица на 7 септември 2021 година, а од последниот попис во 2011 година е намален за 844.781 лице, односно за 11,5 отсто, покажуваат конечните податоци од 18-от попис на населението објавен денеска од страна на Националниот институт за статистика (НСИ).
Од вкупното население, 3.383.527 се жени, а 3.136.262 се мажи, па соодносот е 1.000 жени наспроти 927 мажи. Во градовите живеат 73,3 отсто од населението, а во рурални средини 26,7 отсто, пренесе бугарската агенција БТА.
Најголем регион според населението е главниот град Софија со 1.240.290 жители, потоа Пловдив со 634.497, Варна со 432.198 и Бургас со 380.286 жители.
Во тие четири региони живеат 41,7 отсто од вкупното население на Бугарија, покажуваат резултатите од пописот.
Најмала област во земјата е Видин со 75.408 жители или 1,2 отсто од вкупното население.
Густината на населението исто така варира многу, па така во општина Трекљано, недалеку од границата со Србија, таа е 1,68 жители на квадратен километар, а во општина Пловдив 3.135,75 жители.
Според НСИ, главни фактори кои влијаеле на сериозното намалување на бројот на жители се негативниот природен прираст и иселувањето.
Дополнително, се влошија негативните движења во старосната структура на граѓаните, што резултираше со апсолутен пораст на бројот на лица над 65-годишна возраст и зголемување на нивното учество во општата популација, јавува БТА.
Пописот покажа дека просечната годишна стапка на намалување на населението во Бугарија се зголемила од 0,7 отсто во периодот од 2001 до 2011 година, на 1,2 отсто во деценијата од 2011 до 2021 година.