„Не очекувам никакви изненадувања на гласањето на 8 јули за влезот на Бугарија во еврозоната и за Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија“, изјавила бугарската европратеничка, Цветелина Пенкова од коалицијата Бугарска социјалистичка партија (БСП)/Европска прогресивна партија (ПЕС) во разговр за „БНР“.
Европратеничката истакнала дека парламентарните групи на Европската народна партија, Социјалистите и демократите и „Обнови ја Европа“ во Европскиот парламент имаат политички договор да ги отстранат сите споменувања на македонски идентитет и македонски јазик од Предлог-извештајот за напредокот на Македонија.
„Во пленарната сала ќе предложиме амандман на овој извештај, а овој амандман вклучува бришење на сите референци за идентитет и јазик. Сите се обединивме околу ставот дека целта на таков извештај е да обезбеди објективна анализа на напредокот на земјата на нејзиниот пат кон европска интеграција. Јазикот и идентитетот не се предмет на политичка проценка. Преседан е тие воопшто да бидат присутни во таков извештај“, порачала Пенкова.
Според неа, известувачот Томас Вајц има големо сериозно искуство во европските институции и е многу запознаен со проблемите и предизвиците со кои се соочуваме на Балканот.
„Дозволувајќи си да постави таков амандман во толку важен и чувствителен извештај за Бугарија – земја-членка на ЕУ, дава основа да се мисли дека постои мешање или влијание во негова насока. Ова предизвика доста сериозни загрижености кај колегите, претставници на многу политички партии, од многу земји“, посочила европратеничката.