Бугарски аналитичари за Коридорот 8: Мицкоски ги дочека своите „5 минути“ за да возврати, се прилагоди на парламентарната криза во Софија

од Nikola Popovski
2,9K прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски одговори на ставот на бугарската преодна влада објавен во врска со намерите на македонската Влада да ги пренасочи средствата од изградбата на трансевропскиот транспортен Коридор 8 за модернизација на пругата во Коридор 10. Мицкоски го обвини кабинетот на бугарскиот технички премиер Главчев дека го политизира ова прашање и изјави дека сака да ја изгради железничката пруга, но како што треба.  Вели дека не му паѓа на памет да потроши 550 милиони евра за пруга која завршува во слепа улица, а половина тунел без предвидлива иднина. Според него, како соседи, Македонија и Бугарија „треба да се поддржуваат една со друга и не треба се да се прави политика“.

Официјална Софија со зголемена доза на вознемиреност ги следи изјавите и декларациите на официјални македонски политичари. Во соопштението на владата на Бугарија се вели дека токму Коридорот 8 е клучна логистичка рута вдолж јужното крило на НАТО со кое се поврзуваат Црното и Јадранското Море и затоа неговата изградба е од големо значење во актуелниот геополитички момент, а затоа одбивањето да се изградат главните компоненти ја ослабнува колективната безбедност на НАТО-алијансата.

Бугарската јавност жали за тоа што се случува со Коридорот 8 и смета дека актуелностите околу него се симптоматични за односот меѓу нашите две земји. Бугарскиот политиколог и докторант по политички науки на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, Милен Желев во разговор за „Локално“ оценува дека ваквиот развој на настаните ги нарушува пријателството и добрососедството, а тоа е лошо за луѓето од двете страни на границата.

Милен Желев

На прашањето како го коментира евентуалното пренасочување на европските фондови за изградба на железничката компонента на Коридорот 8 на друг транспортен проект, Желев посочува дека Мицкоски ги дочека „своите 5 минути“ за да возврати, но тие не беа произволни.

-Од една страна, тој вешто се прилагоди на парламентарната криза во Бугарија, која трае веќе неколку години, а која влијае на надворешната политика. Но, пред сè, премиерот на Северна Македонија ги чекаше резултатите од вториот круг од парламентарните избори во Франција за да се увери во поразот на макронистите. Ова му дава можност на Скопје да се обиде со ревизија на т.н „француски предлог“ од 2022 година, тврди соговорникот.

Желев не смета дека македонската Влада се обидува да ги сврти своите граѓани против овој Коридор, но жали и признава дека и Бугарија не исполни 100% од својата посветеност на оваа тема, што му дава изговор на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски да го постави прашањето за севкупната профитабилност на проектот.

-Исто така, не мислам дека новата влада во Скопје се плаши од односот меѓу двете земји, бидејќи тоа покажува одредена ароганција. И ако ова функционира добро за внатрешна употреба на нивните изборни ставови, надвор од границите на Северна Македонија тоа се толкува како популизам, наведува Желев.

Не исклучува пожестока реакција од ЕУ, бидејќи и Коридорот 8 и вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав се преземени обврски, но, како што вели, намерно неисполнети од овдешните власти. Според него, ова ја уништува довербата во Македонија и ја попречува европската интеграција.

-Овој проект е од стратешко значење за Алијансата, но пред пошироката јавност е претставен пред се како приоритет на транспортната политика на ЕУ. Многу е веројатно дека НАТО, а особено САД, би интервенирале деликатно, користејќи ги и дипломатските канали и нивните алатки за влијание во Брисел, вели Желев.

Политикологот порачува дека повторно има антибугарска реторика во Скопје, но Бугарија е подеднакво одговорна за немањето напредок во односите меѓу двете земји.

-Палењето на пасошите е палење на мостови и така нема да го отвориме патот еден до друг. Во наредните денови да посакаме достоинствено и заедничко празнување на Илинденско-Преображенското востание како дел од нашето заедничко минато, заклучува соговорникот од Бугарија.

Со сличен став е и експертот и адвокатот по професија, Паскал Гонов. Смета дека изјавите на Мицкоски и Николовски не се новост.

Паскал Гонов

-Изградбата на Коридорот 8 е намерно блокирана со децении, а политичарите секогаш наоѓаат илјада причини зошто да не го изградат. Сега Мицкоски вели дека доколку се спроведе ќе биде најскапата пруга во Европа. Мора да е во право, бидејќи Коридорот 8 не е само пат, туку премин во досега непробоен метафизички ѕид – единствената вистинска граница во Европа – онаа меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Што ако овој ѕид падне? Тогаш, можеби, или стотиците илјади македонски граѓани со бугарски пасоши нема да сакаат да ги „скинат бугарските пасоши“ или, напротив, „искинати пасоши“ и „стотици Бугари“ целосно ќе исчезнат како малцинство во Северна Македонија? Која од овие две опции е добра, а која е лоша за Мицкоски, мислам дека секој може сам да процени. Мицкоски, изгледа не верува во добар исход за него, па патот нема да се гради, а виновниците и причините допрва ќе се најдат, вели бугарскиот аналитичар во краток разговор за „Локално“.

Како што додава, од римско време, патиштата се циркулаторниот систем на економијата и затоа интересни за политиката.

-Без поврзување исток-запад, потенцијалниот конфликт во Косово или Босна би ја изолирал земјата од светскиот транспорт, светската трговија и светската политика. Тогаш, Република Северна Кореја со својот нуклеарен арсенал ќе личи на Запад. Сигурно, според Мицкоски, оваа разрешница не е реална, но дали е во право?

Ако греши, само прашање на време е кога Република Северна Македонија ќе стане неинтересна играчка за глобалните сили, при што сите нејзини соседи и нејзините партнери во НАТО со рамнодушност го следат колапсот на една држава изградена со големи маки, заклучува Гонов.

-Република Северна Македонија е силно посветена на остварување на поставените цели во рамките на НАТО и на создавање регионална инфраструктура, како дел од Европската мрежа на коридори, кои имаат за цел да го засилат економското влијание и да ја олеснат трговијата и транспортот во регионот, велат од МНР.

Нагласуваат дека за транспортните коридори 8 и 10, земјава ги презема сите неопходни активности за нивна доизградба и модернизација.

-Во тој контекст, нагласуваме дека во фаза на реализација е изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце, што претставува инвестиција од 40 милиони евра. Воедно, истакнуваме дека во фаза на реализација е и изградбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, што е инвестиција вредна 155 милиони евра. Дополнително, во фаза сме на тендерска постапка за избор на Изведувач за изградба на последната делница од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир, пруга која завршува во претпоставен тунел.

Во таа смисла истакнуваме, дека со цел успешна реализација на ваквите проекти, особено значајно е да постои целосна подготвеност за соработка и од страна на Република Бугарија. Во оваа прилика, искрено очекуваме Република Бугарија да ги преземе сите неопходни активности во насока на унапредување на инфраструктурата на Коридор 8, како и да ги исполни обврските кои произлегуваат од Билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало, стои во ставот на домашната официјална дипломатија.

Н.П.

Слични содржини