Бугарски аналитичари за „Локално“: Нашето општество не е склоно да го прифати „различното“ во однос на македонското малцинство

од Nikola Popovski
466 прегледи

Бугарија има обврска да ги почитува правата на малцинствата и да осигура дека никој нема да биде дискриминиран врз основа на нивниот слободно избран идентитет, изјавија за „Гласот од Америка“ од Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, на барањето да го искоментира условот на Бугарија да се впишат Бугарите во македонскиот Устав, додека против неа постојат 14 пресуди на Судот во Стразбур за прекршување на правата на македонското малцинство на нејзина територија. Канцеларијата за човекови права на ОН го посочи извештајот што независен експерт на ОН за малцински прашања го претставил до Советот за човекови права во јули 2011 година, согласно кој, Владата на Бугарија се повикува да ги заштити слободата на изразување и здружување на припадниците на македонското малцинство.

Обединети нации

За тоа како дел од бугарското општество го коментира извештајот од ОН, редакцијата на „Локално“ стапи во контакт со дел од бугарските аналитичари што ја следат целата ситуација околу односот со Македонија. Политичкиот експерт и адвокат по професија, Паскал Гонов во изјава за нашиот портал вели дека прашањето за почитување на правата на малцинствата во Бугарија отсекогаш било болно прашање.

-Бугарското општество е конзервативно општество и веројатно, како и другите балкански општества (вклучувајќи го и македонското), не е склоно да го прифати „различното“. Од оваа гледна точка, она што се случува во Македонија (протестите против „новите“ разлики), доколку се бараше реципроцитет, ќе се случеше и во Бугарија, можеби во многу поголеми размери. Значи, мојот одговор е „Не“, вели Гонов.

Аналитичарот додава дека логично е да се запрашаме, по принципот „Не прави им го на другите тоа што не сакаш да ти го прават тебе“, зошто тогаш Бугарија ѝ го „направи“ ова на Македонија?“

-Според мене, по 2017 година Бугарија реши да се оддели од Македонија и соодветно да ги одвои „Бугарите“ од „Македонците“. Со текот на годините, квантитативните акумулации сега доведоа до квалитативни промени во односите меѓу Софија и Скопје. Она што го гледам е дека без разлика кој го создавал во минатото, отпадот во овие односи всушност се натрупал и останал главно во Македонија. Отстранувањето на ова ѓубре не е понижување за Македонија, посочува Гонов.

За најавата на бугарското МНР во однос на билатералниот дијалог со Северна Македонија дека ќе дојде до усвојување писмен документ, што ќе ги дефинира задачите на институциите во Бугарија со конкретно утврдени обврски, аналитичарот информира дека потрагата по опции за разделување е веќе договорена.

-Кои ќе бидат конкретните чекори кон целта, сепак, останува да видиме! Од оваа гледна точка, какви задачи се поставени пред бугарските и македонските институции е од големо значење за нашиот иден однос. За жал, не сум запознаен со деталите во документот на министерот Милков, одговара Гонов.

Најсуровите и најбезмилосни се тепачките меѓу роднините, вели аналитичарот на прашањето дали се очекуваат подобри времиња во односите меѓу Бугарија и Македонија после прифаќањето на францускиот предлог.

-Тоа е затоа што чувствата кои го диктираат однесувањето на учесниците во битката се горчливата љубов и омраза кон истиот ентитет. Љубов-омраза кон себе, односно љубов-омраза кон роднините. Во таква ситуациска област мора да има водич, бидејќи другиот тоне во мочуриштето. Во нашиот општ случај, францускиот предлог е сламката што им беше предадена на двајцата давеници. Тука е добро да се фокусираме на „спасување“, а не на „сламка“. Ако се предизвика постојана напнатост, сомнеж, страв – никогаш нема да бидеме соседи, а уште помалку добри. Денес можеби изгледа како утопија, но всушност многу малку е потребно за да се биде и добар и сосед – само зрнце вера во утрешниот ден. Некој само треба да не опие (со приказна или вино), категоричен е Гонов.

Бујар Османи и Теодора Генчовска

Лазарин Лазаров од Бугарската академија на науките и член на Клубот за академски реформи во разговор за „Локално“, вели дека доколку Бугарија имаше ист Устав како македонскиот, немаше да дојде до реципрочни мерки.

-Тогаш Македонците немаше да бидат вклучени во бугарскиот Устав и немаше да има барање од Бугарија да ги вклучи Бугарите во македонскиот Устав, вели Лазаров.

Околу најавите за нов писмен документ од бугарското МНР во однос на дијалогот со Македонија, Лазаров вели дека не е запознаен, но не верува и не очекува официјална Софија да поставува нови услови и пречки.

-Францускиот предлог има импликации за приемот на Северна Македонија во ЕУ. За подобрување на односите меѓу двете земји, не се потребни документи, туку такви работи како брз воз и брз автопат меѓу Софија и Скопје, Бугарската национална телевизија (БНТ) да биде достапна во вашата земја и обратно – Македонската национална телевизија (МРТ) во Бугарија, во Скопје да има постојан бугарски театар и обратно – македонски во Софија итн, укажува аналитичарот на тоа што треба да се направи за да се подобрат односите меѓу двете земји.

Н.П.

Слични содржини