Дипломати од Бугарската амбасада во Македонија, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола, Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и претставници на бугарската заедница во земјава ја прославија 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и положија венци и цвеќиња на неговиот гроб во црквата Свети Спас.
-Се собравме да одбележиме особено значаен датум во историјата и на Бугарија и на С.Македонија. Во малку чудни услови, поделени и со тензија, му оддаваме почит на човекот чие име, Георги Николов Делчев, ни сите не го знаат, користејќи го прекарот Гоце. Во оваа ситуација, вреди да се потсетиме на зборовите на Гоце Делчев од неговото писмо до Никола Малешевски од 1899 година, дека овие поделби и овие расцепи не треба да нè плашат. „Жално е, но што да правиме, бидејќи сите сме Бугари и страдаме од истата болест. За 20-30 години нашите внуци ќе ѝ се смеат на оваа генерација дека работите што требаше да нè обединат, всушност нѐ разделија. Верувам дека ќе живеат во свет на поголема доверба и повеќе разбирање“, рекол бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков за наводната содржина на писмото на Делчев.
Претходно беше испратен повик за национално обединување и следење на Делчевата идеологија. Во црквата „Св.Спас“ се одржа и панихида. Неговото дело да биде сочувано – повика премиерот Христијан Мицкоски кој ја предводеше владината делегација на гробот на Делчев во „Св.Спас“. Делчев е наш великан и дел од македонскиот идентитет- додаде премиерот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во духот на одбележувањето на делото на идеологот на македонската борба за слобода, повика да ги надминеме разликите, да се обединиме за националните интереси и заедно да се бориме за попросперитетна Македонија.
Ниту премиерот, ниту претседателката Гордана Сиљановска Давкова не се одзваа на поканата на официјална Софија за присуство на денешниот концерт во чест на Делчев.
Црквата „Св.Спас во текот на денот беше отворена за посета на граѓаните кои сакаат да му оддадат почит на апостолот на македонската борба за слобода.