Бугарскиот парламент денес ја прифати оставката на владата на Росен Жељазков, со 227 гласа „за“, без гласови против или воздржани, јавува бугарската новинска агенција БТА.
Жељазков вчера на итна конференција во парламентот објави дека владата поднесува оставка, непосредно пред гласањето за недоверба на владата, кое го побара партијата „Продолжи со промените – Демократска Бугарија“.
„Коалицијата ја разгледа ситуацијата. Не се сомневаме дека владата ќе добие поддршка на претстојното гласање за недоверба. Без оглед на тоа, одлуките на Народното собрание се важни кога ја одразуваат волјата на народот. Нашата желба е да бидеме на нивото што го очекува општеството. Моќта доаѓа од суверениот и гласот на народот. И младите и старите гласаа за оставката. Оваа граѓанска енергија мора да биде поддржана и охрабрена“, рече Жељазков.
Оставката следеше по големите протести, предизвикани од контроверзните буџетски планови на владата.
Кон крајот на ноември, бугарската влада го повлече нацрт-буџетот што веќе беше доставен до парламентот, по масовните протести пред парламентот, протестите од партиите и синдикатите и предупредувањата од Европската комисија дека нацрт-буџетот не е во согласност со буџетските правила на ЕУ.
Протестите ескалираа во широко распространето незадоволство од корупцијата, неправдата и неуспесите во многу сектори на владината работа.
Жељазков беше избран за премиер на 16 јануари со 125 гласа „за“, 114 „против“ и без воздржани.