Дискусиите за пократка работна недела, која веќе се тестира во некои делови од Европа, се соочуваат со силен отпор во Бугарија, при што организациите на работодавци остро се спротивставуваат на идејата за скратување на работната недела на четири дена, објави денес новинската агенција БТА.
Дебатата беше предизвикана откако Грција презентираше предлог-закон со кој ќе им се овозможи на родителите да работат четири дена, но со продолжени смени од десет часа наместо стандардните осум.
Бугарскиот закон предвидува петдневна работна недела од 40 часа, а заедно со Грција, Бугарија има најдолго реално работно време во Европската Унија, додека е на дното на листата по уделот на вработените кои работат прекувремено.