Германскиот парламент синоќа усвои резолуција за поддршка на европскиот пат на Република Северна Македонија, со која недвосмислено се признава и потврдува македонската култура, идентитет и јазик. Во документот се препорачува германската влада да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Република Северна Македонија кон ЕУ во рамките на постигнатиот компромис и да се воздржи од поставување дополнителни услови. Република Северна Македонија е повикана да ја спроведе договорената промена на уставот и да ги вклучи етничките Бугари во него.
Дел од експертите во земјава се децидни дека секогаш се добредојдени вакви големи одлуки, како синоќешната на германскиот Бундестаг. Професорот и поранешен амбасадор во САД, Васко Наумовски во разговор за „Локално“ вели дека Германија е најголемиот поддржувач на проширувањето на ЕУ, и во минатите циклуси на проширување, и во поглед на проширувањето со балканските држави.
-Овој тип на документи ја зацвстуваат таа поддршка, и се добредојдени за секоја држава-кандидат. Иако се работи за парламентарна резолуција на една држава-членка, тоа е показател дека Германија останува посветена на македонската евро-интеграција, порачува Наумовски.
Тој порачува дека македонскиот јазик и идентитет одамна се реалност, историски верификувани, и не можат да бидат оспорени.
-Нивната заштита и негување е пред се наша должност, и тоа треба да е приоритет за нашето општество. Влезот во ЕУ е влез во една заедница на различности, и токму проширувањето е процес на обединување на различните идентитети, со нивна заштита, истакнува поранешниот амбасадор.
На прашањето дали ова е нов удар за Бугарија и нивните наводни аспирации и негирање, Наумовски смета дека овој документ е потврда на реалноста и секој што го негира македонскиот идентитет и јазик во суштина има проблем со реалноста.
-Ирационалните ставови на дел од бугарските политичари никогаш немале поддршка кај останатите членки на ЕУ. Германската резолуција е показател дека тие бугарски ставови се далеку од европските вредности, и дека приоритет имаат заедничките интереси на ЕУ, а не националистичките тенденции кај дел од политичките елити на некоја нејзина членка, советува соговорникот.
Во споредба со одлуката на САД од 2004 година кога го призна тогашното уставно име Република Македонија, но подоцна побара гласање на референдумот за Преспанскиот договор, професорот вели дека Договорот од Преспа беше потпишан од владите на Македонија и на Грција, и сите останати држави го следеа овој билатерален документ.
-САД не се држава-потписничка на тој договор, и нивниот став се промени затоа што нашата тогашна влада се согласи со тој договор. И овој пат, доколку ние како држава прифатиме нешто различно во иднина, вината за тоа не може да ја бараме кај некој друг, дециден е Наумовски.
И професорот и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин вели одлуката на германскиот парламент е признавање на македонскиот идентитет, на јазикот бидејќи тој е најсилниот елемент на идентитетот, кој што беше оспоруван од Бугарија и од други држави, се до разговорите со Преговарачката рамка.
-Мислам дека е значаен елемент и признавањето привлекува други елементи и е порака до сите скептици и политиканти и разни форми на лажни вести кои зборуваа за бугаризација на Македонија и евентуалното поставување на нови услови. Практично ова Бугарија ја осамени и не може да поставува услови, практично признавање на македонското прашање, вели Ружин за „Локално“.
Независно од бугарската политика на оспорување на јазикот и разните формули при потпишување на договори, потенцира соговорникот, сега работите се менуваат и јазикот се признава.
-Впрочем првиот договор со ЕУ беше на чист македонски јазик и тоа е многу значаен елемент за нашиот идентитет. На тој начин се поддржува и дава додатен здив и сила на проевропските ориентирани граѓани на Македонија, како и на луѓето кои што веруваат и политичарите. Тоа е еден вид поддршка и за сите што ќе гласаат за уставните измени. Многу значајна резолуција која има и политички, геополитички, правно политички и идентитетски значења и е од голема важност за нашата држава и народот. Сметам дека и последните скептици во земјава ќе отстапат и ќе сфатат дека со промените во Уставот не се отстапува од нашиот идентитет. Преспанскиот договор значеше потврдување на територијалниот и суверениот интегритет, а договорот со ЕУ значи потврда на идентитетот на Македонците и нашата држава, посочува Ружин.
Дипломатот од кариера е дециден дека кога САД ја признаа Република Македонија под уставното име во 2004 година, а потоа дојде до промена со Преспанскиот договор, тоа значи наша волја да се промени заради добробит на Балканот и пред се, на можноста Мкаедонија да влезе во НАТО.
-Тоа не значи дека го промениле ставот туку субјективна одлука на Владата и Собранието, во согласност со меѓународниот договор ЕУ и Грција, што значеше Преспа. Тоа е исто кога сега на пример Косово и Србија да најадат заедничка солуција, а Русија која не го признава Косово, да најде солуција во оваа насока, заклучува Ружин.
Н.П.