Русија испраќа казнени баталјони на првите линии во Украина, составени од воени и цивилни криминалци кои ги смета за помалку вредни од регуларните војници.
Пијани регрути. Непослушни војници. Осуденици. Тие се меѓу стотиците воени и цивилни криминалци кои ги сочинуваат руските казнени единици познати како одреди „Бура Z“ кои се испратени на првите борбени линии во Украина оваа година, раскажале 13 лица запознаени со ова прашање, вклучително и пет борци од тие единици.
Малкумина преживуваат да ја раскажат приказната.
„Борците на бура, тие се само месо“, рече еден редовен војник од армиската единица бр. 40318 кој бил распореден во близина на Бахмут во источна Украина во мај и јуни.
Тој рече дека на бојното поле им пружил медицинска помош на група од шест или седум ранети борци на Бура Z, игнорирајќи ја наредбата на командантот да ги остави. Тој рече дека не знае зошто командантот издал таква наредба, но тврди дека офицерите обично ги сметаат борците на таа единица за помалку вредни од регуларните војници.
Војникот, кој побарал да остане анонимен поради страв од гонење во Русија за јавно коментирање на војната, рече дека сочувствува со маките на овие мажи.
„Доколку командантите фатат некого со мирис на алкохол на здивот, веднаш го испраќаат во одредите Бура“, рече тој.
Кога бил контактиран од „Ројтерс“, офицерот од единицата 40318 одбил да коментира за „Бура Z“ и ја спуштил слушалката.
Руските државни медиуми објавија дека постојат одреди „Бура Z“, дека учествувале во интензивни борби и дека некои од нивните членови добиле медали за храброст, но не објавија како се формирани, ниту какви загуби претрпеле.
„Ројтерс“ е првата организација која изготви сеопфатен извештај за тоа како се собираат и распоредуваат одредите, зборувајќи со извори со директно познавање на случувањата.
Новинарите разговарале со 13 лица, меѓу кои и четворица роднини на членови на „Бура Z“, како и тројца војници во редовните единици кои комуницирале со четите, а сите соговорници побарале анонимност поради страв од одмазда. „Ројтерс“ го потврди идентитетот на сите борци вклучени користејќи криминални досиеја, профили на социјалните мрежи или разговор со други војници и нивните семејства.
Казнените одреди, кои се состојат од околу 100-150 борци и се дел од редовните воени единици, обично се испраќаат во најекспонираните делови на фронтот и честопати претрпуваат големи жртви, а луѓето со кои разговараше „Ројтерс“ идентификуваа најмалку пет тимови на „Бура Z“ кои се борат за одбивање на украинската контраофанзива на исток и југ.
Тројца од петте борци на единицата и членови на семејствата на тројца борци опишале кошмарни битки во кои бил уништен голем дел од нивните одреди.
Еден борец, осуден за кражба, кој бил регрутиран од затвор, рече дека сите освен 15 од 120-те мажи во неговата единица од 237-от полк биле убиени или ранети во борбите кај Бахмут во јуни.
Распоредувањето на таквите единици означува промена во пристапот на Русија во Украина: додека платеничката група Вагнер, која беше распуштена по јунскиот бунт, испраќаше осуденици на бојното поле, единиците „Бура Z“ се под директна команда на министерството за одбрана.
Во единиците има и осуденици кои се борат во замена за ветување за помилување, како и редовни војници кои се казнети поради кршење на дисциплинските правила.
Одредите „Бура Z“ се корисни за руското министерство за одбрана бидејќи можат да бидат распоредени како потрошна пешадија, наведува Conflict Intelligence Team, независна организација која ја следи војната.
„Борците на Бура се испраќаат до најопасните делови на фронтот, во одбрана и напад“, велат од групата основана во Русија.
Иако руското министерство за одбрана никогаш не го признало создавањето на единиците „Бура Z“, првите извештаи за нивното постоење се појавија во април кога Институтот за проучување на војната цитираше воен извештај за формирањето на единицата кој, наводно, протекол од руското министерство.
„Ројтерс“ не можеше да утврди колку војници вкупно служат во единиците, иако интервјуата со инсајдерите покажуваат дека најмалку неколку стотици борци моментално се распоредени на фронтот.
„Вагнер“ имаше околу 25.000 борци вклучени во конфликтот, тврдеше нивниот покоен водач Евгениј Пригожин во времето на јунскиот бунт.
Минатата недела претседателот Владимир Путин се осврна на осудениците кои се борат во редовната армија. На состанокот со мала група редовни руски војници, тој рече дека знаел дека двајца нивни другари, поранешни затвореници, биле убиени во акција.
„Тие ги дадоа своите животи за татковината и беа целосно ослободени од вината“, рече Путин, додавајќи дека ќе им се пружи помош на семејствата на осудените.
Постои историски преседан дека сите воени криминалци биле распоредени во борбени единици во 1942 година, кога Црвената армија се повлекувала поради напредувањето на нацистите. Потоа, Јосиф Сталин наредил војниците кои се во паника или ги напуштиле своите позиции да бидат префрлени во „казните баталјони“ распоредени на најопасните делови на фронтот.
Украинската влада исто така соопшти дека ќе ослободи некои осуденици доколку се согласат да се борат во војната.
„Бура Z“ е неофицијален термин што го користат руските војници, комбинирајќи го терминот за јуришни трупи со буквата Z, која војската ја усвои како симбол на инвазијата на Украина.
Побуна на борци на „Бура Z“
Една група од околу 20 борци на „Бура Z“ во Запорожје, кои беа дел од единицата 22179, одлучиле дека им е доста од овој третман и ја одбиле наредбата да се вратат на линијата на фронтот. Тие на 28 јуни снимија видео во кое се жалат на третманот што го добиле.
„Не добивме испораки на муниција на фронтот. Не добивме ниту вода, ниту храна. Ранетите не беа однесени: мртвите сè уште скапуваат“, вели борец на видеото.
„Добивме ужасни наредби кои не вредеа да ги извршиме“, додаде тој. „Одбиваме да продолжиме да извршуваме борбени мисии“.
„Ројтерс“ идентификуваше двајцата борци вклучени во бунтот и разговараше со членовите на семејството кои го потврдиле изказот на видеото, кое беше објавено на 28 јуни од Gulagu.net, француска група за права на руски затвореници.
По објавувањето, воените полицајци ги претепале двајцата борци, како и другите во нивниот одред, како казна за бунтот, велат двајца членови на семејството. Оттогаш тврдат дека двајцата борци им кажале дека условите се подобриле, но дека не знаат кога ќе им биде дозволено да ја напуштат војската.
Руските власти јавно не го коментираа инцидентот, а министерството за одбрана не одговори на прашањата на „Ројтерс“.
Една жена од семејството на еден од војниците во бунтот, маж од Сибир кој доброволно се придружил на „Бура Z“ од затвор, рече дека е ужаснатa од вестите од фронтот.
„Боже мој, нека заврши ова што е можно поскоро“, рече таа.