„Бура З“ пристигнува во Украина. Кои се тие?

од Vladimir Zorba
924 прегледи

Наместо борците на компанијата „Вагнер“, кои заедно со нивниот шеф Евгениј Пригожин беа повлечени, Русија носи нови сили на бојното поле за „сложени задачи“, попознати како „Бура З“.

„Бура З“ треба да биде замена за „вагнерците“, а за нив веќе се пишува како неславна, „уште побрутална“ единица од платениците на руската платеничка група, која со години шета низ конфликтните зони во светот, проширувајќи ги интересите на руската држава.

Станува збор за регрутирани затвореници чии имиња првпат се слушнаа на почетокот на април, во документите што ги пронајдоа украинските сили. Западни извори, вклучително и Институтот за проучување на војната, тинк-тенк во Вашингтон, ги оценија документите, кои им ги покажаа украинските власти, како „веродостојни“.

Според тие извори, станува збор за „независни, заеднички, тактички“ единици, формирани за „итна оперативна употреба во особено сложени борбени единици“. На членовите на „Бура З“ им беа ветени намалени затворски казни и плата еквивалентна на 2.200 долари месечно, двојно повеќе од просечната плата во Руската Федерација.

Исцрпена руска војска

Институтот за проучување на војната процени дека членовите на „Бура З“ ќе бидат додадени на руските сили за да се намали исцрпеноста на војската од битките во источна и јужна Украина. Се наведува дека новите единици ќе дејствуваат со силите на Доњецката Народна Република.

Се наведува и дека единиците се состојат од стотина борци кои се поделени во групи со различни функции. По обуката само десет до 15 дена, новите борци ќе бидат распоредени во борба, меѓу другото ќе заминат и во Бахмут и Авдивка. Украинскиот град Бахмут е особено познат како кланица каде од двете страни течат реки крв.

Единиците на „Бура З“ ќе преземаат „борбени операции во области со тешки географски услови“ и ќе „заземат важни цели, како што се упоришта, командни пунктови, центри за комуникација, згради и структури“, напиша украински официјален претставник на Твитер.

Според оценката на Институтот за проучување на војната, руската армија најверојатно ќе ги користи единиците од овој контингент како поддршка за постигнување помали тактички успеси и за поттикнување понатамошни офанзивни операции и постигнување цели. Меѓутоа, прашање е колку тие можат да бидат успешни во тоа, со оглед на недостатокот на воено искуство на тие ад хок руски борбени единици.

Дополнително, воените аналитичари потсетуваат дека моралот на руските сили и онака е толку низок што „засилувањето “ веројатно нема да направи значителна разлика на теренот.

Руската армија генерално има проблем со моралот и обуката на персоналот, а од британското Министерство за одбрана во неделата споделија за „исклучително високиот“ број случаи на злосторства и смртни случаи поврзани со консумирање алкохол.

Проблемот со зависностите и алкохолизмот го мачи руското општество, особено сиромашните и оддалечените делови, без оглед на војната. Руските војници не се исклучок во овој поглед.

Топовско месо

Британското Министерство за одбрана уште во април напиша за околу 10.000 нови регрути затвореници во руските редови. Групата „Вагнер“, не е тајна, своите нови членови најмногу ги наоѓала токму во руските казнено-поправни установи. Сепак, се верува дека по расправијата меѓу Пригожин и руското раководство, платеничката чета го изгубила пристапот до тој базен на работна сила, а нивната пракса ја продолжило руското воено раководство.

„Бура З“ треба да го заземе местото на борците на Пригожин. Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател, во средината на јануари изјави дека „Вагнер“ регрутирал речиси 40.000 борци од затвор, а дека речиси 30.000 од нив веќе загинале, биле ранети или исчезнале во Украина. Многу „вагнерци“ биле користени како топовско месо во злогласната битка кај Бахмут. Некои, наводно, биле испратени да копаат ровови боси. Самиот Пригожин изјави дека во февруари изгубил пристап до руските затвори, а потоа се зборувало дека Вагнер „многу брзо“ ќе остане без борци.

Подготвеноста на затворениците за борба не е голема и извештаите говорат за фрнтални единици со обучени воени сили зад нив, за да нема бегство кон задниот дел.

Го поддржувале Пригожин?

Некои членови на групата „Бура З“, наводно, му изразиле поддршка на Евгениј Пригожин кога тој го започнал својот марш во Москва пред две недели. Меѓутоа, откако застана, беше обвинет за кукавичлук, а се појавија снимки на кои членовите на „Бура З“ го навредуваат началникот на Вагнер, нарекувајќи го „стаорец“ кој „побегнал“.

„Сите бевме подготвени да тргнеме по тебе. Не само „Бура З“, туку и твоите луѓе. Но, ти не си маж“, вели еден вооружен маж на видеото.

Освен Бура З, конкуренција на „вагнерците“ се чеченските специјалци Ахмат, на кои Пригожин алудираше дека ги планираат во Украина додека неговите луѓе прават најголеми жртви. Во интервјуата, Пригожин зборуваше за 50.000 регрути затвореници. Во Бахмут загинаа околу десет илјади. Пригожин, исто така, тврдеше дека неговите луѓе, дури и оние што ги донел од казнено-поправниот дом, извршиле многу помалку злосторства од другите регрутирани затвореници.

Човекот задолжен за единиците „Бура З“ е Евгениј Владимирович Бурдински, руски генерал-мајор кој ја води мобилизацијата во Русија. Неговата задача е да ги интегрира армиите на самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск во руската регуларна армија. Бурдински е директно задолжен за „Бура З“, и беше подложен на тешки критики за време на бунтот на Евгениј Пригожин бидејќи голем број единици објавија верност на началникот Вагнер, чија цел беше да ја собори руската војска.

Слични содржини