Бурата Герит запре возови и остави илјадници луѓе без струја во северна Велика Британија

од Radmila Tasevska
239 прегледи

Бурата Герит јазафати Шкотска и делови од северна Англија и донесе силни ветрови и снежни врнежи, по што илјадници луѓе денеска останаа без струја, а причинета е голема материјална штета.

Околу 14.000 луѓе утрово останаа без струја, а полицијата во Манчестер соопшти дека добила бројни пријави за оштетени домови од вчерашното кратко „локализирано торнадо“.

Фотографиите од лице место покажуваат откорнати покриви од куќи и автомобили оштетени од паднати дрвја.

Британската метеоролошка служба Мет Офис соопшти дека доцна синоќа над областа на Големиот Манчестер поминала „суперклеточна бура со грмотевици“.

Локалните власти соопштија дека во текот на ноќта биле евакуирани речиси 100 згради, а полицијата во Манчестер прогласи вонредна состојба поради сериозноста на штетите и потенцијалниот ризик за јавната безбедност, иако рекоа дека нема повредени.

Бурата Герит, исто така, предизвика голем прекин на железничкиот сообраќај низ Шкотска, при што патувањето на некои линии беше прекинато додека официјалните лица не можеа да извршат целосна проверка на мрежата.

Аеродромот Хитроу, главниот патнички центар во Велика Британија, вчера откажа 18 летови поради ограничувањата на контролата на воздушниот сообраќај на домашните линии.

Слични содржини