Премиерот на Албанија, Еди Рама, изврши реконструкција на Владата и разреши шестмина министри во неговиот кабинет, меѓу другите и шефицата на дипломатијата Олта Џачка, пренесува „Албанијан пост“.
Рама побара од претседателот на Албанија, Бајрам Бегаи, да донесе указ за оваа работа, а најавено е дека измените ќе му ги презентира денеска на Бегаи.
Олта Џачка повеќе нема да биде министер за европски и надворешни работи, а на таа функција ќе биде именуван Игли Хасани.
Делина Ибрахимај ќе му ја препушти функцијата министер за финансии и економија на Ервин Мета. Ибрахимај сега ќе биде министер за претприемништво, а претходно таа функција ја извршуваше Едона Биљаљи.
Актуелната министерка за здравство, Огерта Манастирљу, наместо Евис Куши ќе биде министерка за образование и спорт, а нејзината функција ќе ја преземе Албана Кочи.
Рама ја смени и министерката за земјоделство Фрида Крифца, која ќе ја замени Анила Денај, која беше министерка за економија. Ново име во кабинетот ќе биде Арбјан Мазнику, кој ќе биде министер за локална администрација.
Рама најави дека во октомври ќе биде свикан конгрес на неговата Социјалистичка партија на Албанија на кој ќе бидат одобрени промени во структурата на секретаријатот на партијата.