Мегават-час гас со рок на испорака во мај претпладне изнесуваше 45,36 евра на референтната холандска дигитална берза „TTF“, што е речиси 15 проценти пониско во однос на вчерашното затворање на тргувањето.
По американско-израелскиот напад врз Иран пред повеќе од пет недели, цените накратко се искачија и до 74 евра за мегават-час, наведува новинската агенција ДПА.
Пазарите во средата реагираа на двонеделното примирје, како и на целосното отворање на Ормускиот теснец за транзит на бродови, во координација со Иран, според наводите од Техеран.
Договорот за примирје беше постигнат помалку од два часа пред истекот на рокот што американскиот претседател Доналд Трамп му го постави на Техеран за отворање на теснецот, заканувајќи се со разорни напади врз цивилната инфраструктура.
Иран ја презеде контролата над Ормускиот теснец по американско-израелскиот напад на 28 февруари, забранувајќи транзит за бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници.
Владата во Техеран повеќепати нагласуваше дека пловниот пат е затворен само за „непријателите“, додека бродовите на „пријателските“ земји, вклучително Ирак, Кина, Индија и Пакистан, можат слободно да пловат, во координација со иранските власти.
Низ Ормускиот теснец вообичаено поминува околу една петтина од светската нафта и течниот природен гас.
Пазарите на гас беа особено потресени од иранскиот напад врз постројката за втечнување гас во катарскиот Рас Лафан, по израелскиот напад врз иранското гасно поле Јужен Парс. Иран инаку го дели тоа поле со Катар.
Директорот на „QatarEnergy“, Саад ал-Кааби, изјави дека во Рас Лафан се оштетени две од 14 постројки за втечнување природен гас, што претставува 17 проценти од катарските извозни капацитети, додавајќи дека за поправките ќе бидат потребни три до пет години.
Во тој период, „QatarEnergy“ нема да може да испорачува 12,8 милиони тони гас годишно, процени директорот на катарскиот енергетски гигант.
Катар произведува околу една петтина од светскиот втечнет природен гас и се наоѓа на второто место меѓу водечките извозници, веднаш зад САД.
На почетокот на неделата, два катарски танкери со ЛНГ се откажаа од преминување низ теснецот бидејќи не добија дозвола од иранските власти, наведува ДПА. „Ал Даајен“ и „Рашида“ го презеле втечнетиот гас во Катар непосредно пред почетокот на војната кон крајот на февруари.