Цените на нафтата денеска на меѓународните пазари се искачија над 87 долари бидејќи трговците продолжуваат да сметаат на закрепнување на побарувачката во Кина, а дополнителен поттик даде благото зголемување на залихите во САД.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше повисока за 1,04 долари во однос на вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 87,16 долари. За исто толку порасна и цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 81,19 долари.
Трговците денеска продолжија да се фокусираат на очекувањата за закрепнување на побарувачката во Кина по ублажувањето на строгите мерки за борба против инфекцијата со Ковид.
„Јазот меѓу понудата и побарувачката на (стоковните) пазари значително ќе се намали доколку отворањето на Кина – најголемиот двигател на побарувачката на стоки во светот – го следи планираниот план… и очекуваме дека условите за прилив на капиталот во стоки ќе се исполни“, посочува Ехсан Хоман од МУФГ.