Цените на нафтата во третиот квартал се зголемија за повеќе од 25 отсто

од Stefanija Kuzmanovska
272 прегледи

Цените на нафтата се зголемија минатата недела, зголемувајќи ги добивките во третиот квартал на повеќе од 25 отсто, последица на намалувањето на производството од страна на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и сојузниците на тој картел.

На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за 2,2 отсто на 95,30 долари, а на американскиот пазар за еден отсто повисока и изнесуваше 90,97 долари. Така, во целиот трет квартал цената на барелот на лондонскиот пазар порасна за 27 отсто, а на американскиот за 29 отсто, пренесува SEEbiz.

Ова е последица на неодамнешните одлуки на Саудиска Арабија и Русија за намалување на производството. Водечките светски извозници ќе ги намалат испораките до крајот на годината за вкупно 1,3 милиони барели дневно. И преостанатите членки на ОПЕК и сојузниците на картелот се согласија да го намалат производството.

Така тие земји се обидуваат да ги задржат зголемените цени на нафтата, со оглед на тоа што побарувачката слабее поради забавувањето на растот на најголемите светски економии.

Бидејќи се очекува каматните стапки во САД и во еврозоната да останат покачени подолго од претходно проценетото поради високата инфлација, се очекува дополнително забавување на растот на овие економии, а со тоа и на побарувачката за „црното злато“.

Од друга страна, трговците се надеваат на забрзување на растот на кинеската економија, најголемиот светски увозник на нафта. Ова е една од најважните причини за минатонеделното поскапување.

Имено, побарувачката за гориво во Кина се очекува да зајакне за време на седумдневниот одмор кој започна во петокот.

По силниот раст во третиот квартал, економистите прогнозираат дека цената на барелот на лондонскиот пазар во четвртиот квартал во просек ќе изнесува 89,85 долари.

До крајот на годината на цените најмногу ќе влијае намалувањето на понудата од Саудиска Арабија и Русија, но растот на цените кон нивото од 100 долари за барел може да биде закочен од неповолните економски движења, сметаат аналитичарите.

По минатонеделниот раст, цената на барелот на лондонскиот пазар е во плус во однос на почетокот на годината за околу 11 отсто, а на американскиот пазар за околу 13 отсто.

Слични содржини