Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши заедно со заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски и претставници од Комисијата за заштитa од конкуренција денеска одржале состанок со претставници на најголемите трговски ланци и дистрибутери во државата.
На состанокот се разговарало за предлог одлуката на Министерството за економија и труд за ограничување на бруто профитната маржа на 10% во трговија на големо и 10% во трговија на мало на дел од основните прехранбени производи и средства за хигена.
Според Министерството, трговците и диструтерите дале свои предлози и забелешки кои Министерството за економија и труд дополнително ќе ги анализира.
-На состанокот беше договорено конечната одлука да се донесе во текот на следната недела, порачаа од ресорот економија.
И додека се чека последниот збор на Владата, граѓаните се надеваат дека овој чекор ќе даде некаков ефект. Премиерот Христијан Мицкоски веќе кажа дека со ограничувањето на маржата очекува да има драстично намалување на цените на храната.
Ограничувањето на маржата треба да биде на 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но исто така треба да се дополни со средства за хигиена – детергенти и бебешка храна, но и други непрехранбени производи кај кои е забележана висока маржа.