Церемонија на свечено менување на државното знаме во Кабинетот на Сиљановска-Давкова

Претседателката беше восхитена од умните прашања, на коишто со задоволство одговори. Таа ги посоветува да учат, да спортуваат, да цртаат, да ја чуваат природата и животната средина, да се дружат и да не се навредуваат.

од Vladimir Zorba
12 прегледи Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Во претседателскиот Кабинет, денеска, 270 деца од скопските основни училишта „Вера Јоциќ”, „Лазо Ангеловски” и „Димитар Македонски”, како и од градинките „Буба Мара” и „ЛИЛИПУТ ДВОРЧЕ”, присуствуваа на церемонијата на свечено менување на државното знаме.

Учениците гордо и громогласно ја пееја химната, интонирана од македонскиот воен оркестар, овојпат придружуван од воениот оркестар на Вооружените сили на Романија, којшто престојува во земјава по повод заедничкиот предновогодишен концерт.

Во придружба на своите наставници, образовни асистенти и едукатори, децата ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме изведена од Баталјонот за почести при македонската армија.

По свечниот чин, децата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија-светла земја” и „Македонија-земјата памети” на академик Глигор Чемерски, како и работната просторија на претседателката.

Во разговорот со Сиљановска-Давкова, децата зборуваа за нивните активности, за подготовките на приредбите во пресрет на новогодишните празници и ги испеаја нивните омилени песничките.

Следеа низа прашања: за претседателската функција и работните обврски, но и за нејзиното детство, основното образование, домашните миленици, омилените книги и музиката.

Претседателката беше восхитена од умните прашања, на коишто со задоволство одговори. Таа ги посоветува да учат, да спортуваат, да цртаат, да ја чуваат природата и животната средина, да се дружат и да не се навредуваат.

На крајот, им се заблагодари за прекрасната посета и за незаборавниот ден, за неа и за Кабинетот.