Откако роверот „Perseverance“ на НАСА создаде кислород на Марс во април минатата година, беше направен огромен чекор напред кон поблиско населување на оваа планета.
Имено, научниците успешно произвеле кислород преку инструментот Moxie, уред со големина на тостер поставен на роверот кој ја одвојува атмосферата богата со јаглерод диоксид.
Сите надежи кои НАСА ги има за испраќање луѓе на Марс во следните 20 години зависат од способноста да се направи кислород, кој е неопходен за самите астронаути, но и за враќањето на ракетата на Земјата.
Околу 25 тони кислород се потребни за лансирање на ракетата назад кон Земјата заедно со астронаутите.
Moxie е вклучен седум пати од февруари минатата година и работи по еден час, при што секој тест е направен во различни услови, вклучувајќи различни сезони, дење и ноќе.
Во текот на седум циклуси се направени околу 50 грама, што е слично на продуктивноста на мало дрво. Moxie двапати го анализираше кислородот што го создаде и откри дека е чист, како и дека ја исполнувале целта од шест грама кислород на час.
Откако Moxie ја докажа својата вредност, инженерите би сакале да го надградат за да може да произведе неколку тони кислород, нешто како „роботска шума“.
Во иднина, инструментот би можел да биде испратен на површината на Марс пред мисија со екипаж за да се создаде доволно снабдување со овој витален гас. Исто така, технологијата би работела деноноќно.
Професорот Џефри Хофман, заменик главен истражувач на Moxie во Одделот за аеронаутика и астронаутика на МИТ, ги нарече новите податоци „историски“.
– Ова е прва демонстрација на вистинската употреба на ресурсите на површината на друго планетарно тело и нивна хемиска трансформација во нешто што би било корисно за човечка мисија – додаде тој.
Како што изјави, клучниот предизвик бил да се докаже дека Moxie е способен да произведува кислород дури и при драстично променливи услови.
– Атмосферата на Марс е многу попроменлива од онаа на Земјата. Густината на воздухот може да варира за два пати во текот на една година, а температурата може да варира за 100 степени. Имаме една цел, а тоа е да покажеме дека можеме да функционираме во сите сезони,смета Хофман.
Единствениот дел од денот кога Moxie не бил активен бил во зори или самрак кога температурите брзо се зголемувале или паѓале.
– Тимот има „кец во ракав“ да се справи и со овие најпредизвикувачки услови. Кога ќе го тестираме во лабораторија, ќе можеме да дојдеме до последната пресвртница и да покажеме дека може да функционира во секое време – изјави главниот истражувач на проектот Мајкл Хехт.