Чешката влада денеска едногласно го одобри членството на Финска и Шведска во НАТО само неколку часа откако двете земји ги поднесоа своите кандидатури.
Премиерот Петр Фиала денеска изјави дека ги поздравува одлуките на скандинавските земји за пристапување во алијансата и додаде дека нивните армии целосно ги исполнуваат сите неопходни критериуми за пристапување.
Протоколот за пристап допрва треба да биде одобрен од двата дома на чешкиот парламент, што се очекува наскоро. Фиала рече дека не очекува никакви пречки, бидејќи владејачките партии имаат мнозинство во двата дома на парламентот.
За да може една земја да влезе во НАТО, мора да се согласат сите членки на алијансата. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се противи на членството на Финска и Шведска во НАТО, наведувајќи го нивниот недоволно груб однос кон курдските вооружени групи.