Честитка од Италија до С. Македонија за постигнатите реформи и воспоставувањето одржлив систем

од Nikola Popovski
164 прегледи

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска во Рим имаше средба со претседателот на државниот совет на Италија Франко Фратини, со кого разговараа за можностите за соработка во областа на антикорупциските политики, но и во унапредувањето на регулативата за јавните набавки.

Вицепремиерката Грковска изрази голема благодарност до претседателот Фратини за поддршката што Италија ѝ ја дава на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес, но и за експертската поддршка во одделни подрачја кои се од исклучително значење за прогресот на нашата држава.

Претседателот Фратини и честиташе на вицепремиерката Грковска за прогресот што Северна Македонија го има постигнато во однос на реформите и воспоставувањето на одржлив систем. Тој нагласи дека за спречување на корупцијата и злоупотребата на јавните средства мора да има јасна и прецизна регулатива, во која сите елементи ќе бидат насочени кон апсолутен интегритет и превенција на корупцијата. Тој додаде дека е важно граѓаните да видат дека правдата функционира и дека таа мора да биде брза и ефикасна.

Вицепремиерката Грковска образложи дека таа се залага за трајни и одржливи решенија кои нема да бидат популистички, туку решенија кои ќе даваат долгорочни резултати.

„Свесна сум дека тоа не може да се случи преку ноќ и затоа сум задоволна што со повеќе надлежни институции во Италија имаме тесна и плодна соработка“, нагласи Грковска.

Претседателот Фратини додаде дека Државниот совет на Италија и Кабинетот на вицепремиерката Грковска заеднички треба да ги детектираат областите во кои на Северна Македонија и треба стручна поддршка, за потоа да ги детерминираат областите на соработка.

Во рамките на посетата на Државниот совет на Италија, вицепремиерката Грковска имаше средба и со Диего Сабатино, претседател на секторот за јавни набавки.

На состанокот двајцата соговорници разговараа за начинот на кој може да се унапреди регулативата за јавните набавки со цел да се изгради ефикасен систем за спречување на можните манипулации и злоупотреби во јавните набавки и трошењето на јавните пари.

Вицепремиерката Грковска истакна дека Северна Македонија има постигнато голем напредок во делот на транспарентноста на трошењето на јавните средства, но и во однос на прецизирање на постапките, но сé уште постои простор за унапредување на системот.

Сабатини нагласи дека посетата на вицепремиерката Грковска на Државниот совет се случува во вистински момент, односно кога стручните тимови работат на унапредување на Кодексот за јавни набавки на Италија, со цел тој да биде усогласен со директивите на Европската Унија од една страна, но и да се создаде Кодекс кој ќе биде отпорен на сите потенцијални проблеми.

Слични содржини