Претседателот Стево Пендаровски по повод празникот Свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Северна Македонија.
Почитувани сограѓани од српска националност,
Ја користам оваа прилика најсрдечно да ви го честитам Националниот ден на Србите во Република Северна Македонија ‒ Свети Сава и да ви посакам празникот да го поминете во добро здравје, исполнет со радост и со среќа.
Духовната и просветителско-образовна дејност на Свети Сава е еден од најзначајните темели на српската национална и културна самобитност. Неговото дело е неизоставен дел од традициите, обичаите и културно наследство на припадниците на српската заедница во Република Северна Македонија која активно придонесува за политичкиот, општествениот и културниот живот. Се радувам и на придонесот што нашите граѓани од српска националност го имаат во продлабочувањето на односите со соседна и пријателска Република Србија.
Скоро цела година живееме борејќи се со пандемијата со Ковид-19 која ги загрозува нашето здравје и благосостојба, но и го менува нашето секојдневие. За жал, како и за останатите празници и светосавското празнување ќе биде во изменети околности. Да продолжиме со почитување на мерките и со дисциплинираното однесување за да го заштитиме своето, здравјето на најблиските, како и здравјето на целата заедница. Празникот на Свети Сава нека биде поттик да истраеме и да останеме солидарни и одговорни, сложно и сплотено работејќи за развојот и за напредокот на нашата заедничка татковина.
Нека е честит 27 Јануари, Денот на Свети Сава.