Четири земјотреси за помалку од 30 минути се регистрирани нешто по 10 часот денеска во близина на грчкиот остров Крит, соопшти Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина.
Земјотрес со јачина од 2,3 степени според Рихтеровата скала се случи во 10 часот и 10 минути на 19 километри источно од Крит на длабочина од 25,8 километри, јави Катимерини.
Една минута подоцна, два посилни земјотреси со јачина од 4,4 и 4,3 степени според Рихтеровата скала се случија на 24 и 29 километри североисточно од островот, на длабочина од 17,7 и 17,1 километри.
Во 10 часот и 29 минути, четврти земјотрес со јачина од 3,4 степени според Рихтеровата скала е регистриран на 15 километри источно од Закрос на мала длабочина од пет километри.
Сите земјотреси се случија во близина на Закрос, област позната по честите помали сеизмички активности.
Според извештаите, тресењето не се почувствувало во главните урбани центри на островот.