Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев во изјава за МИА рече дека четворицата малолетници, кои во петокот беа донесени на Токсикологија во тешка состојба по конзумирање психоактивни супстанци, денеска се во подобрена општа здравствена состојба.
Тој рече дека во текот на утрешниот ден, по утринската визита, ќе се одлучува дали тие ќе бидат пуштени дома.
– Клинички и лабораториски, сите параметри се стабилни, појасни директорот на Токсикологија.
Претходно, тој за МИА изјави дека малолетниците на возраст од 14 до 17 години, биле примени со пореметена свест. Докажано било присуство на психоактивни супстанци кај нив. Не било докажано присуство на алкохол кај малолетниците.
Од МВР информираа дека во петокот во 13.57 било пријавено дека во двор од куќа во Скопје, сопственост на 40-годишниот скопјанец Д.Ѓ., тој бил физички нападнат со тврд предмет од малолетник.
По добиената пријава, полициски службеници од СВР – Скопје излегле на местото на настанот, при што затекнале четири малолетни лица, од кои две биле во бессознание и истите консумирале алкохол и психотропни супстанци.
Малолетните лица, со возило на Итна медицинска помош, биле пренесени во Клиниката за токсикологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.
Во 16 часот, полициски службеници го лишиле од слобода Д.Ѓ..
Основното јавно обвинителство – Скопје вчера донесе наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишникот, осомничен за тешки дела против здравјето на луѓето. Според Обвинителството, осомничениот со децата почнал да консумира алкохол и во текот на вечерта извадил лекови, што ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил да ги испијат за подобро расположение. Тој им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохол, иако бил свесен за штетната последица. Осомничениот ги затекнал децата во сериозно влошена здравствена состојба што самиот ја предизвикал, но и покрај тоа, ги оставил без помош.
Доставен бил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.