Чибишев: ПМ 10 честичките се задржуваат на горните дишни патишта и можат да предизвикаат проблеми со респираторниот систем

од Milan1
76 прегледи

Во своето денешно обраќање на емисијата „За или Против“, истакнатиот доктор Андон Чибишев, член на ВМРО-ДПМНЕ и клинички токсиколог, го истакна сериозниот проблем на загадувањето на воздухот во Македонија и неговото влијание на здравјето на граѓаните.

„Во воздухот имаме одредени штетни материи, хемикалии и гасови кои што се над референтните вредности и кои можат да го загрозат здравјето на луѓето, како на краток, така и на подолг рок“, изјави Чибишев.

Според него, загадувањето е резултат на повеќе фактори, како што се развојната индустрија, урбанизацијата и различни процеси кои придонесуваат за зголемено загадување на амбиенталниот воздух.

„Од една страна, имаме развојна индустрија и урбанизација кои го загадуваат воздухот, а од друга страна, институциите не ја вршат својата работа како што треба. Ништо не се превзема за да се санира оваа состојба“, истакна Чибишев.

Како клинички токсиколог, доктор Чибишев го истакна проблемот со загадувачите кои не се доволно јавни, посебно тие кои не се спомнуваат во медиумите.

„Најчесто се зборува за ПМ 10 и ПМ 2.5 честички, кои имаат сериозни последици врз здравјето. ПМ 10 честичките, кои се поголеми, се задржуваат на горните дишни патишта и можат да предизвикаат проблеми со респираторниот систем. ПМ 2.5 честичките, кои се помали, навлегуваат во длабоките делови на белите дробови и ја оштетуваат функцијата на алвеолите“, кажа Чибишев.

Чибишев исто така го нагласи сериозниот ризик од загадувањето со гасови како јаглероден моноксид, јаглероден диоксид, азотни оксиди и парите на тешки метали.

„Јаглеродниот моноксид, кој се ослободува при согорување на органски материјали, има голема афинитетност да се врзува за хемоглобинот во нашето тело. Кога тоа ќе се случи, нашето тело не може да ги снабдува клетките со доволно кислород“, истакна Чибишев.

Чибишев заклучи дека потребно е сериозно внимание и акција од страна на институциите, како и свест кај граѓаните, за да се спречи понатамошното влошување на ситуацијата и да се заштити здравјето на луѓето.

Слични содржини