Службеници на Федералното истражно биро (ФБИ) во САД добиле детален прашалник за нивната работа во кривичните постапки поврзани со настаните од 6 јануари 2021 година, кога приврзаници на тогашниот претседател Доналд Трамп насилно влегоа во зградата на Конгресот.
Документот предизвикал страв од можни откази меѓу агентите на ФБИ, посочуваат локалните медиуми.
Во прашалникот, од службениците се бара да ја наведат нивната позиција и улогата во истрагите за 6 јануари, како и дали учествувале во надгледувањето на тие случаи. Одговорите треба да бидат доставени денеска до 15 часот (21 часот по македонско време).
Извршниот заменик-државен обвинител на САД, Емил Бов, во петокот отпуштил осум високи функционери од централата на ФБИ, како и директорите на канцелариите во Мајами и Вашингтон.
Со друга наредба од истиот ден, Бов побарал до вторник на пладне да му биде доставен список со сите службеници кои работеле на настаните од 6 јануари, како и оние кои биле ангажирани во истрагата против лидерите на вооружената група Хамас, во врска со конфликтот во Појасот Газа.
Минатата недела, Бов отпушти и над 12 федерални обвинители кои работеа на двата запрени судски процеси против Трамп, покренати од специјалниот обвинител Џек Смит – едниот за неговите активности поврзани со обидите да се поништат резултатите од претседателските избори во 2020 година, а другиот за класифицирани владини документи.
Портпаролот на ФБИ одби да го коментира прашалникот споделен со агентите.
Демократите и други критичари го обвинуваат тимот на Трамп дека спроведува чистка во ФБИ и Министерството за правда, насочена кон службеници кои учествувале во истрагите против Трамп и учесниците во нападот на Капитол.