Никола Спасојевиќ, еден од 30-те обвинети членови на кланот на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, постигнал договор со Обвинителството за организиран криминал да сведочи против оваа група за казна во траење од 14 години.
Според тој договор, Спасојевиќ доби статус на обвинет соработник, а споменатата казна од 14 години ќе биде изречена на крајот од целосното судење на оваа група, доколку ги исполни обврските од договорот и даде исказ против кланот Беливук-Миљковиќ, потврдија за Танјуг од Обвинителството за организиран криминал.
Обвинението го товари за учество во две од петте убиства – за тешкото убиство на Горан Величковиќ и Александар Глигоријевиќ, како и за оружје, за што му се закануваше доживотен затвор.
Спасојевиќ е под истрага и за убиството на Горан Михајловиќ, кое неодамна беше покренато и се уште трае.
Во тек се преговори и со уште неколку обвинети кои во истрагата веќе ги опишале злосторствата на овој клан, кој се товари за повеќе тешки кривични дела, меѓу кои: пет тешки убиства, силување, киднапирање и трговија со дрога.
Инаку, почетокот на судењето на организираната криминална група на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ е закажано за 8 март пред Специјалниот суд во Белград.
Судењето треба да започне со подготвително рочиште, закажано за 10 и 11 март, кое ќе биде затворено за јавноста.
Потоа судот ќе го закаже почетокот на судењето кое ќе биде јавно.
Обвинението против вкупно 30 членови на криминалната група на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, кои се товарат за пет брутални убиства, трговија со дрога, недозволено поседување оружје и други кривични дела, стапи на правна сила на 9 ноември минатата година.
Против Беливук, Миљковиќ и некои членови на оваа група се водат уште три истраги за уште две убиства и перење пари.